Јавниот простор во Скопје е место за движење, средби и живот, но за многу жени, особено за трансродовите лица, тој не е секогаш безбеден. Недостигот на осветлување, непристапни улици, празни паркови и јавен превоз кој не нуди заштита создаваат непријателска околина каде стравот го определува секојдневното движење. Проектот „Преосвојување на јавниот простор преку феминистичка урбанистичка интервенција“ има за цел да ги слушне и прикаже овие искуства, за да се крене свеста за тоа како жените го доживуваат градот и што му недостасува за да стане поинклузивен и безбеден за сите.
Ивана Јовановска, културна работничка
Културната работничка Ивана Јовановска вели дека секојдневното движење низ Скопје за многу жени станува сè поголем предизвик. Според неа, јавниот простор, инфраструктурата и јавниот превоз често не нудат чувство на сигурност, туку создаваат дополнителна вознемиреност.
„За градот да биде направен по женска мерка, треба да можеме слободно да се движиме без страв од дофрлања, вознемирувања или темни и небезбедни улици. Во моментов, како млада жена, не чувствувам дека градот ја обезбедува таа сигурност“, вели Јовановска.
Таа додава дека многу жени постојано ги менуваат рутите на движење, бараат осветлени улици и места со повеќе луѓе, што покажува дека чувството на безбедност во јавниот простор е сериозно нарушено.