Градот низ очите на жените – Анастасија Трајковска, актерка зборува за безбедност и слобода во јавниот простор

Преку личното сведоштво Анастасија ја отвора темата за безбедноста на жените и трансродовите лица во Скопје – помеѓу стравот од темните улици и љубовта кон градот.

Јавниот простор во Скопје е место за движење, средби и живот, но за многу жени, тој не е секогаш безбеден. Недостигот на осветлување, непристапни улици, празни паркови и јавен превоз кој не нуди заштита создаваат непријателска околина каде стравот го определува секојдневното движење. Проектот „Преосвојување на јавниот простор преку феминистичка урбанистичка интервенција“ има за цел да ги слушне и прикаже овие искуства, за да се крене свеста за тоа како жените го доживуваат градот и што му недостасува за да стане поинклузивен и безбеден за сите.

Искуство на Анастасија Трајковска

Анастасија Трајковска, актерка, преку лично сведоштво зборува за своето искуство во градот. Таа вели дека нејзините најубави моменти во јавниот простор најчесто се поврзани со културни настани – претстави, фестивали и концерти.

– Најубав момент можам да го издвојам кога со дувачкиот оркестар свиревме на плоштад и пеевме новогодишни песни. Тоа беше чувство на заедништво и радост- раскажува таа.

Но јавниот простор носи и тешки слики. Никогаш нема да ја заборавам глетката на Партизанска, вели таа по тешка сообраќајна несреќаи сите изгубени и загрижени погледи на минувачите.

Кога станува збор за безбедноста, таа нагласува дека најсигурно се чувствува на места што ѝ се познати, добро осветлени и каде има движење на луѓе и сообраќај.

-Најризично е сè спротивно од тоа – темни, тесни и неосветлени улички“, додава таа. Како особено небезбедна зона ја издвојува областа под надвозникот кај МНТ, каде, како што вели, никогаш не би одела сама.

И покрај предизвиците, Анастасија вели дека има посебен однос со Скопје.

-Иако знае да биде хаотичен и брз, јас некако вешто се снаоѓам во тој хаос. Одлучувам да ги гледам убавите работи – затоа што дефинитивно ги има“, вели таа.

Нејзиното сведоштво е потсетник дека градот може да биде и сцена на радост и простор на страв во зависност од тоа колку е прилагоден на потребите на сите што живеат во него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни