Градот е јавност, комплексна љубов и патување во себе

Кон перформативниот есеј – Не зјапајте толку романтично на АКТО И ФРУ
фото: Наташа Гелева

Градот како концепт, како простор за истражување, како текст, како есеј и како бескрајни можности се собрани во фантастичен шестчасовен перформанс во организација на АКТО и ФРУ кој имавме можност да го погледнеме на 7 декември низ улиците на Скопје. Шетачката тура е поделена во неколку чина, неколку клучни точки во градот, работилница, одлична музичка листа и многу преиспитување, како дел уметничкиот проект Градот е јавност #1 кој се одржуваше од 5 до 7 декември на неколку локации во градот.

фото: Софија Григориаду

Како да се почне текст за толку квалитетно обременет уметнички чин, кој не само што градов го заслужувал многу одамна, туку и неговите граѓани? Градот е јавност #1, Не зјапајте толку романтично е совршениот потсетник за тоа зошто без ангажираната уметност не можеме денес, но и за тоа колку нејзината улога е поважна од кога било, барајќи од нас, луѓето на градот да бидеме активни чинители во заедницата, особено преку уметничките практики кои ги имаме.

Поетиката на просторот е актуелна тема на интерес, особено во контекст на новите улоги на градовите, неораведната урбанизација и воопшто капитализмот, но она што мене конкретно ме интересира е пронаоѓањето на уметнички пракси, колективи и светови кои ја третираат низ прашањето на ангажираноста. Современата уметност денес во голема мера се отвора (и нужно мора да е така) кон бурно следење на општествените текови и прашања кои директно се вклучени во толкување на поетиката на просторот преку многу медиуми. Не зјапајте толку романтично успешно ги задоволува тие апетити и не само што нуди простор да се преобмислува улогата на самата уметност и граѓаниот во градот денес, туку и комплексната релација која еден жител на Скопје ја има со него, преку сите точки кои беа предмет на интерес.

фото: Владимир Јанчевски

Дали постои сонот за идно Скопје како приказна со среќен крај и како бесконечен простор за можности, потенцијали и ранливост од која ќе произлезе некаква иднина? Како да се зборува за градот и неговите клучни точки, ако не преку архитектурата како сведок и слика на минатото, како клучен аспект на неговото развивање? Како да се раскажат сите можности и аспекти на овој град и неговата поетика, ако не преку идејата истите тие темелно да се почувствуваат од учесниците – ова е нешто кое совршено им било јасно на сите вклучени во процесот на градење на перформансот и затоа резултатот беше онаков каков што беше: активна публика која и по 6 часа со повеќе од 14 000 чекори, мрачно Скопје и умор, сè уште е ангажирана и длабоко вклучена во потрагата по својот град како сцена, како дом и како слободен простор за сите.

фото: Наташа Гелева

Не зјапајте толку романтично има толку многу слоеви и перспективи преку кои концептот на градот го поврзуваат со таа поетика на просторот воопшто и потенцијалите на сцената и изведувањето во корелација со него. Публиката ја трансформира во номад и истражувач на свооето и на она што во градот е отуѓено, а изобилството на различни медиуми му овозможува интересот на гледачот континуирано да се трансформира во различни искуства. Шетачкото искуство повеќе не е само вообичаеност, а разгледувањето на просторот кој секојдневно нè опкружува добива драматичен ефект на очудување, за кој задолжително на слушалките кои ги носите додека чекорите, сведочи некој македонски евергрин, или можеби Луѓе од градови во изведба на ПМГ. Она што шетањето и лутањето низ градот значат, има безброј димензии на откривање како на себе, така и на околината преполна со мемории кои сами по себе се приказни кои недоволно ги познаваме.

Комплексно е да се образложи она што се наметнува како впечаток по затоа што преиспитувањето на сопствената ангажираност како граѓанин во однос со просторот нè води до самата грижа за тој простор, архитектонското планирање и урбанизацијата на градот и животот. Оттаму, Скопје како жив организам не може да се одвои од секоја негова зграда, парк, простор со потенцијал за трансформација и сите негови урбани сегменти преку кои ја чувстуваме неговата функција како град. Третирањето на просторот и како околината токму преку чувствителноста и ранливоста, преку односот на човекот како жител и неговата удобност, ги отвораат прашањата како историјата и она што му недостасува на Скопје да ги искористиме во нови пракси кои ги замислуваме за него и ги очекуваме.

фото: Наташа Гелева

Оваа шетачка тура е многу повеќе од перформативен есеј. Интердисциплинарната структура која обединува архитектура, визуелна уметност и хуманистика поттикнува нови прашања не само околу тоа како ќе ги третираме современите изведбени уметности туку и можноста да ги контекстуализираме и ангажираме, со цел менување на општествените динамики и предизвикување на нови, храбри процеси на вклученост кои ќе му дадат нови улоги и на самиот гледач но и на уметникот. Во таа смисла, нужно е да го замислуваме и континуирано да бараме градот како простор да стане нашата отворена сцена, место за изразување, трансформирање и сонување. Така ќе може вистински да го чувствуваме како дом.

За крај, со задоволство би го споменала тимот заслужен за ова прекрасно доживување и им ја честитам изведбата. Го предводи Филип Јовановски, интердисциплинарен уметник и архитект како автор на авторскиот и драматуршкиот концепт, текст и простор, со кураторско водство на Владимир Јанчевски и кураторска поддршка на Софија Григоријаду. Како изведувачка се јавува Мартина Даниловска, а соработници на авторскиот концепт и креативната продукција се на Ивана Самандова и Димитар Милев. Во истражувачкиот дел вклучени се и Екатерина Николовска, Крсто Глигорјадис, Мартина Пенева и Калина Трајановска. Креативната продукција и координација ја води Екатерина Добривојевска, а како креативни соработници се јавуваат Марија Аризанковска, Катарина Томиќ и Бојана Вуковац.

Продукцијата е во рамки на Лабораторијата за просторно изведувачки практики Градот е сцена во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура Факултет за работи што не се учат – АКТО фестивал за современи уметности. Таа се стреми преку експериментални и колаборативни практики да работи на пристапи кои ги вклучуваат граѓаните, но и развиваат простор за соработка со различни институции и колективи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни