Украина можеби ќе мора да отстапи дел од својата територија на Русија за да се постигне „привремен мир“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, за британската телевизиска мрежа Би-би-си (BBC) во интервју објавено денес.
„Едно од сценаријата… би било откажување од територии. Тоа не е фер, но за мир, привремен мир, можеби тоа е решение – привремено“, рече Кличко, говорејќи на англиски.
Кличко нагласи дека украинскиот народ „никогаш не би ја прифатил окупацијата“ од Русија.
Тој е еден од највисоките украински политичари кој јавно зборува за можноста Украина да се откаже од територии – макар и привремено – како начин за постигнување прекин на огнот.
Кличко додаде дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, можеби ќе биде принуден да донесе „болна одлука“ за да се постигне мир.
BBC истакнува дека Кличко и Зеленски се политички ривали, а градоначалникот на Киев неколкупати го обвинил претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.
На прашањето дали Зеленски разговарал со него за можно решение или договор, Кличко кратко одговори: „Не.“
„Претседателот Зеленски го прави тоа сам. Тоа не е моја функција,“ додаде тој.
Интервјуто е направено ноќта по рускиот напад врз Киев, во кој загинаа 12 луѓе, а над 80 беа повредени – еден од најсмртоносните напади врз украинската престолнина во последните месеци.
Преговорите што ги започна американскиот претседател Доналд Трамп се заглавени веќе над 100 дена од неговото враќање во Белата куќа. Спорно е прашањето за евентуално отстапување на територии по речиси три години војна, како и прашањето за Крим, кој Русија го припои во 2014 година, пренесува агенцијата Франс прес.
Трамп оваа недела изјави дека е „многу блиску“ до компромис со Русија, но ја префрли вината за застојот во преговорите на украинскиот претседател.