Градоначалникот на Уруапан, Карлос Алберто Мансо Родригез, е убиен во саботата навечер на главниот плоштад во градот, пред десетици граѓани кои се собрале за да го одбележат Денот на мртвите, соопштија мексиканските власти.
Мансо Родригез бил застрелан во историскиот центар на градот и итно пренесен во болница, каде што подоцна им подлегнал на повредите, изјави државниот обвинител Карлос Торес Пиња. Во нападот биле повредени и член на градскиот совет и еден од неговите телохранители.
Напаѓачот бил убиен на самото место, потврди федералниот секретар за безбедност Омар Гарсија Харфуч, додавајќи дека градоначалникот бил погоден со седум куршуми. Оружјето што било употребено при нападот е поврзано со два претходни вооружени инциденти меѓу ривалски криминални групи во регионот.
Nacionales/ Asesinan al alcalde de Uruapan, Carlos Manzo, en pleno acto de Día de Muertos
— GPSnoticias Oaxaca (@GPS_noticias) November 2, 2025
Circula video del momento del ataque
El presidente municipal de Uruapan, Carlos Alberto Manzo Rodríguez, fue asesinado la noche de este sábado 1 de noviembre durante un acto público en el… pic.twitter.com/yaKkLV4Oij
Мичоакан — жариште на насилство
Сојузната држава Мичоакан е една од најнасилните во Мексико, позната по судирите меѓу нарко-картелите кои се борат за контрола на територијата, патиштата за дистрибуција на дрога и други нелегални активности.
Во неделата, стотици жители на Уруапан, облечени во црно и со фотографии од Мансо Родригез во рацете, излегоа на улиците за да учествуваат во неговата погребна поворка. Толпата скандирала „Правда! Правда! Долу Морена!“, алудирајќи на владејачката партија на претседателката Клаудија Шеинбаум.
Апели за помош и критики кон власта
Во изминатите месеци, Мансо Родригез јавно ѝ се обраќал на претседателката преку социјалните мрежи, барајќи поддршка во борбата против картелите и криминалните групи. Тој, исто така, го обвини гувернерот на Мичоакан, Алфредо Рамирес Бедоља, и државната полиција за корупција и недејствување.
На чело на погребната поворка, маж водел црн коњ со еден од препознатливите шешири на градоначалникот на седлото, додека група музичари во црно свиреле маријачи песни во негова чест.
Мансо Родригез, кого медиумите често го нарекуваа „мексиканскиот Букеље“ поради неговата строга безбедносна политика, беше поранешен пратеник на партијата Морена. Минатата година победи на дополнителните избори како кандидат на независен движење.
Според властите, тој бил под полициска заштита од декември 2024 година, која во мај годинава била засилена со припадници на општинската полиција и 14 членови на националната гарда. Сепак, не е прецизирано што довело до таа мерка.
Нападот е снимен и споделен на социјалните мрежи. Видеото покажува десетици граѓани и туристи како учествуваат во прославата на Денот на мртвите, пред да се слушнат неколку истрели и луѓето да се разбегаат во паника.
Убиството на Мансо Родригез следи по ликвидацијата на уште еден градоначалник во државата Мичоакан — Салвадор Бастидас, кој беше убиен во јуни заедно со неговиот телохранител. Минатата година во истиот град беше убиен и новинарот Маурисио Круз Солис, недолго по интервју со Мансо Родригез.
Извор:Index.hr