#ГрадотУбав

Градоначалниците на Скопје од 1912 до 1944 година- моќ, визија и контроверзии

Низ неколку текстови ви ја носиме историјата на градот Скопје преку неговите градоначалници од 1912 година од денес

Скопје, главниот град на Македонија, не е само административен центар – туку историско срце, економски двигател и културна платформа низ која се одразува и развојот на државата. Со над половина милион жители, Скопје го носи товарот на секојдневниот урбан живот, а неговите градоначалници играат клучна улога во обликување на јавните политики, инфраструктурните проекти и идентитетот на градот.

Со овој текст започнуваме серија истражувачки текстови посветени на Скопје на неговиот урбанистички развој и инфраструктурни трансформации кои го обликувале неговиот лик низ вековите. Ќе се навратиме на постосманлискиот период, кога градот започнал да го дефинира сопствениот модел на управување, ќе го следиме неговиот подем и предизвиците со кои се соочувал во изминатиот век за да стане ова што денес е.

Низ неколку текстови ќе ја раскажеме историјата на Скопје преку неговите градоначалници и најзначајните проекти почнувајќи од 1012 година па сè до денес. Преку нивните одлуки, проекти и визии, ќе се обидеме да го разоткриеме патот на еден град што живее на крстосница од култури, кризни периоди и неколку урбани преродби. Град кој лута помеѓу брутализмот, антиквизацијата и урбаната мафија и јупорно трага по својот идентитет и функционалност.

Во текот на оваа серија ќе споделиме и интервјуа со експерти, хроничари и архитекти кои ги следат развојните патеки на Скопје. Нивните ставови и анализи ќе помогнат да се сфати подлабоко како се менувала визијата за градот – од административен центар до современа метропола.

Историски период – од 1912 до 1944

Спиро Хаџи Ристиќ – Првиот градоначалник на Скопје по заминувањето на Османлиите

Спиро Хаџи Ристиќ

Спиро Хаџи Ристиќ е првиот градоначалник на Скопје по влегувањето на српската војска во 1912 година, по завршувањето на османлиската власт. Првиот негов мандат траел од 1912 до 1915 година, а вториот – по Првата светска војна – од 1918 до 1920 година. Се смета за значајна историска личност во развојот и модернизацијата на градот во првата половина на 20 век.

Роден е во тетовското село Једоарце, потекнува од влијателно аџиско семејство. Образован е во Швајцарија и Багдад, а својата кариера ја започнува како професор во скопската машка гимназија. Подоцна се ангажирал и политички – бил пратеник во османлискиот парламент, а потоа и сенатор во Кралството СХС (подоцна Југославија). Бил и претседател на Трговско-индустриската комора во Скопје.

Во текот на неговите мандати, Скопје почнало да добива урбани обележја на модерен европски град. Под негово раководство е изработен првиот модерен урбанистички план, започнува изградба на нови објекти и инфраструктура, и се поставуваат основите на еден организиран градски систем. Во своите спомени, самиот Хаџи Ристиќ напишал:

„Скопје се претвори во модерен европски град. Само за периодот од 10 години, во 1928 година, градот економски напредуваше…“

Во тоа време, во градот имало над 30 индустриски претпријатија и повеќе од 2.000 трговски дуќани, а животот во Скопје се одвивал со забрзан културен, стопански и социјален развој. Овој урбан подем подоцна ќе го продолжи и градоначалникот Јосиф Михајловиќ, исто така од Западна Македонија (село Тресонче).

Политика, бизнис и контроверзии

Спиро Хаџи Ристиќ бил припадник на Радикалната партија, но покрај политиката бил вклучен и во тутунската и опиумската индустрија, кои биле економски мошне значајни за Македонија во тоа време. Македонскиот опиум бил прочуен по високата содржина на морфин – дури до 16%, наспроти 3–5% кај кинескиот. Неговиот бизнис и влијание биле толку големи што неофицијално го нарекувале „опиумски магнат“. Меѓутоа, мешањето на политичките позиции со приватните бизнис интереси довело до корупциски зделки, со кои државниот извоз постепено преминувал во раце на приватници, на штета на производителите.

Некои историски записи наведуваат дека опиумот од Македонија бил шверцуван и на необични начини – скриен во охридска јагула или во шарпланински кашкавал.

Спиро Хаџи Ристиќ имал и бурен приватен живот. Неговата ќерка, Дара, важела за убава и елегантна скопска дама, за која се зборувало дека е „стројна, убава и сентиментална црнка“. Таа се омажила за Раде Драинац, познат поет и боем од тоа време. Нивниот брак бил краткотраен и бурен, што му донело дополнителни проблеми на семејството Хаџи Ристиќ.

На крајот, политиката и бизнисот му станале кобни. Во ноември 1938 година, Спиро Хаџи Ристиќ бил застрелан во центарот на Скопје од свој доверител – човек незадоволен поради неисплатена заработка од Тутунската задруга. Иако се претставува како финансиска пресметка, не се исклучува ниту политичка позадина зад убиството.

Во 1912 година, првиот авион што слетал на скопскиот аеродром бил руски воен авион од марката „дукс“. Настанот го следеле многу граѓани, а свечен говор одржал токму градоначалникот Спиро Хаџи Ристиќ – уште еден симбол на новото време што го најавувал неговиот мандат.

Христо Поп Коцев, учесник во македонското револуционерно движење и Македонската револуционерна организација

По Спиро Хаџи‑Ристиќ на местото градоначалник е поставен Ѓоре Китинчев (1915-1917) за кого нема могу архивски податоци. Во 1918 година за градоначалник е поставен Христо Поп Коцев (1917-1918) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација.

Поп Коцев е роден на 5 јануари 1869 година во Ново Село, Штипско, тогаш во Отоманското Царство. Во 1887 година завршува бугарска (егзархиска) гимназија во Солун, а во 1892 – славјанска филологија и литература на Софискиот универзитет. Работи како учител во Цариград, Едрене, Скопје, Солун, Штип и други.

Во 1895 г. Даме Груев му ја доделува задачата да го формира првиот револуционерен комитет во Одринско. Оваа задача Поп Коцев успешно ја извршил и била поставена основата на Одринскиот револуционерен округ. Во почетокот на 1896 година тој и Павле Генадиев го формирале Одринскиот револуционерен комитет, чиј прв претседател е Поп Коцев. Истата година е назначен за учител во Солунската гимназија и е претставник на Одринско во текот на Солунскиот конгрес. Во 1898 година е уапсен, а во март 1899 година е осуден на 4 години затвор. Во јануари 1903 година по неговото ослободување учествува во работата на Солунскиот конгрес од 1903 година. Во периодот меѓу 1903 – 1904 година е на чело на Централниот комитет.

Во текот на Првата балканска војна е доброволец во Македонско-одринското ополчение и служи во Нестројната чета при 9-та Велешка дружина. Награден е со орден со круна . Градоначалникот на Скопје од 1917 до 1918 година. Автор е на книгата “Стари и нови писатели за Бугарите во Македонија”, која е издадена во 1933 година во Варна. Починал на 30 април 1933 година во Варна.

Скопје 1920

Спирио Хаџи Ристиќ и Душан Цекиќ градоначалници на Скопје

По него, за градоначалник на Скопје е назначен Спирио Хаџи Ристиќ (1918-1920) а по него Душан Цекиќ, еден од најистакнатите водачи на македонското социјалистичко движење во периодот помеѓу Младотурската револуција од 1908 и 1920-1921.

На Вториот конгрес на Работничкиот сојуз на Србија во 1904 година Цекиќ е избран за член на Управниот одбор. Во српското работничко движење делува до 1908 година, а потоа, преселувајќи се во Скопје, работи на организирањето и развојот на македонското социјалистичко движење.

Во 1909 година Цекиќ е еден од основачите на Скопската социјалдемократска организација и нејзин секретар. Заедно со Васил Главинов, Стојан Дивлев и Михаил Цоков, Цекиќ како претставник на социјалдемократските организации од Македонија, во јануари 1910 година во Белград зема учество на Првата балканска социјалдемократска конференција. По обновувањето на Скопската социјалдемократска организација по Балканските војни, во април 1914 е избрано ново раководство, при што Цекиќ е избран за нејзин претседател.

По крајот на Првата светска војна и по формирањето на Кралството СХС, Скопската социјалдемократска организација е обновена на 9 февруари 1919 година, а за претседател е избран Цекиќ. Во април истата година тој е дел од 20-члената делегација од Македонија на Основачкиот конгрес на Комунистичката партија на Југославија. На Конгресот е избран за член на 10-члениот Извршен одбор на партијата.

Во текот на 1923 година Цекиќ го издава весникот „Работничка зора“. На парламентарните избори од 18 март 1923 година е кандидиран за пратеник на списокот на Независната работничка партија на Југославија, која е легален облик на дејствување на забранетата КПЈ, но не успева да добие мандат.

По него на градоначалничкото место се менуваат Коста Стефановиќ (1920-1921), Александар Буквиќ (1921-1923) и Никола Сапунџиќ (1923-1929), по што на функцијата е назначен Јосиф Михајловиќ, еден од најзначајните градоначалници на Скопје во тој период која ќе остане на функцијата два мадати од 1929 до 1936 и од 1939-1941.

Јосиф Михајловиќ – Јурукоски, татко на современото Скопје

Јосиф Михајловиќ е роден во селото Тресонче (28 мај 1887 год.) од татко Михајло( Мијалче) и мајка Христина. во семејство на ѕидари и зографи. Бил од родот Јуруковци. Малиот Јосиф се описменил во манастирот “Свети Јован Бигорски”, а поради работата на татко си во реонот на Скопска Црна Гора, целата фамилија на Јосиф, кога тој имал само шест години, се преселила во скопското село Кучевиште. Живеел во бурно време на војни. Учествувал во  балканските војни (1912, 1913), а потоа и во првата светска војна (1918 год.).

Дипломирал на архитектонскиот отсек при Високата техничка школа во Белград 1910 год. Прва работна задача  во 1911 година му било вклучувањето во тимот што ја проектирал зградата на Академијата на науките и уметностите на Србија и на градската палата на градот Белград. Потоа патот го однел во Америка, каде останал до крајот на војната. На американскиот континент се стекнал со титулата инженер-архитект и сосема длабоко навлегол во американските политички концепти. По враќањето од Америка заминал на доспецијализација на Универзитетот во Сорбона (Франција), на Институтот за урбанизам, а заминал на уште повисоко специјализирање и во Лондон.

Се појавува како соосновател на белградската фирма „ФЕНИКС”,  и бил вклучен во изградбата на железничките пруги Ужице-Сараево и Велес-Прилеп. Во 1929 година, бил назначен за градоначалник на Скопје (претседател на скопската општина), каде останал на должност до 1936 година. По мал прекин повторно ја зел истата функција на која останал до крајот на својот живот.

За време на својот, речиси, 10 годишен мандат својата активност ја насочил кон модернизација на Скопје и неговото комунално уредување. На почетокот на  1929 година го направил Генералниот регулационен план на Скопје според идејниот план на Димитрије Т. Леко од 1914 година и извршил геодетски премер на градот.

По усвојувањето на  планот во 1930 година, се посветил на остварување на замисленото. За потребите за електрична енергија на градот, ја изградил термоцентралата под Кале. Свесен за иднината на Скопје, и невозможноста истата да се развива без ел. енергија ја започнал и изградбата  на хидроцентралата  Матка. За таа цел ја изградил прво браната на реката Треска. Во истиот период почнува изградбата на водоводот Рашче, што претставува исклучителен градителски зафат од областа на комуналиите. Во неговиот мандат се градат повеќе училишта и мнозинството капитални објекти, препознатливи како скопски белези. Меѓу нив и Народното Собрание, Општинската зграда,  Градската Болница,  Хигиенскиот завод, Заводот за социјалното осигурување, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора ( Метропол), Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар”, бетонските мостови на Вардар и многу други.

Со цел да го заштити Скопје од поплави, го изградил насипот на Вардар во градскиот парк, како и го регулирал течението на Серава низ Чаир и Топана кои биле често поплавувани.

Се занимавал и со архитектонско проектирање. Негови реализирани проекти се:

1930 год.- Црвен Крст – Скопје,

1936 год.-Станбена зграда п+3, на аголот на улица „Раде Кончар” и „Дебарска”, во Скопје,

1939 год.-Фабриката за текстил на патот кон Куманово (индустриска зона Скопје)

1939 год.-Сопствената индивидуална куќа ( Македонска куќа, денес Албанска Амбасада)

1939 год.-Јавната берза на трудот на бул. „Кочо Рацин”

Јосиф Михајловиќ починал на 11 март 1941 година. Починал на оперативна маса во скопската клиника за време на хируршка интервенција за вадење на слепото црево. Официјалниот медицински извештај вели дека при операцијата настанале компликации и лекарите не можеле да го спасат. Но, во тогашните демократски кругови кои биле против политиката на зближување со Хитлер, преовлеадало мислењето дека поранешниот градоначалник бил отруен од фашистите, после еден говор пред царот Александар I на скопската железничка станица, каде наводно кажал неколку работи што не ги бендисале властите. Ваквата претпоставка била отфрлена од тогашната медицинска комора, а негативен став по однос на таа можност има и неговото семејство кое денеска живее во Белград.

Погребната поворка ја следеле повеќе од 15 илјади скопјани, церемонијата траела околу 5 часа, а проштални говори за живот и делата на Јосиф одржале повеќе од 20 лица

Бугарска окупација, НОБ и ослободување на Скопје

Спиро Китинчев, ја извршувал функцијата градоначалник на Скопје од април 1941 до ноември 1944 година, за време на бугарската окупација во Втората светска војна. Тој бил роден во Скопје во 1895 година, во тогашната Османлиска империја. Студирал во Солунската бугарска машка гимназија, а потоа на Универзитетот во Лозана. Активно учествувал во македонското студентско движење во Швајцарија, кое се залагало за независна мултиетничка Македонија по примерот на Швајцарската конфедерација.

Спиро Китинчев, градоначалник на Скопје

Во април 1941 година, по распадот на Кралството Југославија, Китинчев бил назначен за кмет на Скопје.. Бил дел од Бугарските акциони комитети, а во јули 1941 година станал титуларен градоначалник. Во септември 1944 година, по неуспешниот обид за прогласување независна Македонија, останал на функцијата до 14 ноември, кога градот бил преземен од партизанските сили.

има реализирано неколку административни и симболични проекти, иако неговата функција била во контроверзен и воен контекст.

Познати активности и проекти:

Ново градско знаме и грб: Во јули 1941 година, заедно со други членови на градската управа, Китинчев учествувал во донесување на одлука за новиот грб на Скопје, што било дел од обидот за редефинирање на градскиот идентитет во тој период.

Според неговите сведоштва пред ОЗНА, организирал градски свечености, посети на бугарски и германски функционери, и јавни говори во Скопје, Кавадарци и Гевгелија. Овие активности имале политичка и пропагандна цел, но биле дел од неговата градоначалничка функција. Во неговите сведоштва се споменува реорганизација на општинските служби, координација со областни директори, и обиди за формирање граѓански клубови, што укажува на административна активност во рамки на тогашниот систем.

Неговото делување било тесно поврзано со Бугарските акциони комитети и со политички структури кои подоцна биле осудени од новата власт. По војната, Китинчев бил обвинет за великобугарски шовинизам и осуден на затвор, каде што починал во 1946 година.

Текстот продолжува

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни