Има градови што ги посетуваш, и има градови што ти се случуваат. Прилеп е едниот од тие вторите. Се случува ненадејно, со целата своја топлина, правичност и со тој карактеристичен, малку ироничен, но секогаш искрен, прилепски дух. Но, постои еден момент кога Прилеп се прелева, кога се прелива, кога чаршијата пулсира со некоја посебна радост, кога улиците звучат како театарска сцена, и кога мириса на традиција, култура и вжештена скара. Тој момент се вика – Фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Во тие денови, Прилеп не е само град, туку домаќин. Чаршијата станува сцена, кафулињата и дуќаните трибуни, а секој случаен минувач – сведок на нешто важно. И да, разговорите со прилепчани, со сопствениците на старите дуќани, со жените што продаваат домати на пазар и со младите што чекаат пред билетарница – сите ќе ви кажат истото: „Во денешно време, најкарактеристично за Прилеп е фестивалот. А потоа – чаршијата.“

Жива чаршија, жива душа
А таа чаршија не е обична. Тоа е жива енциклопедија со одлепени корици. Некогаш полна со занаетчии, денес со сè помалку дуќани, но сè уште со доволно приказни. Сите ги знаат „Победа“ на Мендета и старата ковачка работилница „Ило секирџија“, каде Зоран, четврта генерација ковач, продолжува да го чука занаетот на времето. „Работа има колку да се преживее,“ ни вели, додека во рацете врти нова секира – симболично и практично. Најмногу се барале секирите, вели. Тоа не се заборава.

Во таа врвулица, со името Папо или Цако над вратата, се кријат прозорчиња кон минатото. Имињата на дуќаните – некогаш прекари, денес ознаки на истрајност. И сето тоа опкружено со балкони што грижливо го надгледуваат животот од височина, балкони кои шепотат: „Тука некогаш живееле чорбаџии.“

Пазарот – театар без претстава
Среда и сабота – денови кога Прилеп дише низ пазарот. Тоа не е обичен пазар, тоа е социјален феномен. Место на средби, размена, мириси, вкусови. Жени со шамии, луѓе со торби на тркала, расправии околу цената на краставиците и смеа што се шири низ тезгите. Мириса на лук и љубов, на домат и дружење. Тука не се доаѓа само да се пазарува, туку да се биде – дел од нешто.

Итар Пејо, симбол или илузија?
Сред чаршијата стои Итар Пејо, во комбинација со чешма – како статусен симбол на градот. Некои ќе речат: тој е метафора на народната итрина. Но прашањето е: треба ли Прилеп и цела нација да се идентификуваат со лик кој многупати не бил чесен? Потребен е нов херој, ново читање на вредностите.

Саат-кулата, тревата и одговорноста
Саат-кулата и остатоците од старата џамија, скриени под треви и невнимание, се доказ дека Прилеп знае да сака, но и понекогаш да заборави. Градското зеленило на вакви локации не треба да биде запоставено – особено не кога по улиците минуваат илјадници гости, туристи, љубопитници. Општината има своја улога во одржувањето на лицето на градот.

А скарата?
Секако. Прилеп и скара – тоа е љубовна врска стара колку и првите ќебапчиња на ова тло. Мирисот на скара те повикува од сите страни. Од која било кафеана да пробаш – нема да погрешиш. Митот дека тука е најдобрата скара не е мит. Тоа е жива, сочна вистина. И не само скарата. Прилеп има што да понуди: и историја, и култура, и дух, и живот.

Прилеп – град што чека да биде препознаен
Прилеп заслужува брендирање. Заслужува да стане град на културен туризам, на приказни, на градски живот. Секој фестивал, секоја чаршиска приказна, секој занает и секој балкон се дел од мозаикот што треба некој да го нареди и понуди. А можеби токму оваа сторија ќе биде поттик за тоа.
Затоа што Прилеп не е само град. Тој е сцена, и секој посетител е актер што ќе се врати дома со аплауз во срцето.