Додека растечкиот конфликт на Блискиот Исток ги потресува глобалните енергетски пазари, еден град во Бразил планира да воведе иновативно домашно биогориво кое целосно може да го замени дизелот.
Градот Passo Fundo, сместен во сојузната држава Rio Grande do Sul, веќе работи на примена на оваа алтернатива за својот комунален возен парк. Горивото се произведува од суровини како соја, животински масти и користени масла, пренесува Reuters.
За разлика од традиционалниот биодизел, кој во Бразил се меша со фосилен дизел во сооднос од околу 15%, новото гориво е дизајнирано како целосна замена и може да се користи самостојно.
Ново гориво без модификации
Горивото, наречено „BeVant“, го развива компанијата Be8, која е една од водечките во секторот на биодизел во земјата.
Според компанијата, BeVant може да се користи во стандардни дизел мотори без никакви технички измени, што овозможува лесна и брза примена.
Be8 добила одобрение од регулаторите кон крајот на 2024 година за производство на ова гориво, со почетен капацитет од околу 28 милиони литри годишно.
Помали емисии и потенцијални заштеди
Новото биогориво има потенцијал значително да ги намали емисиите на јаглерод, а во исто време може да придонесе и за намалување на трошоците.
Иако е околу 15% поскапо од класичниот биодизел, сепак е значително поевтино од неговиот главен конкурент – таканаречениот „зелен дизел“ (HVO).
Градоначалникот на Passo Fundo, Педро Алмеида, изјави дека новото гориво носи одредена сигурност во услови на растечки цени на нафтата.
Одговор на глобалната енергетска криза
Растот на цените на суровата нафта, поттикнат од конфликтот меѓу САД, ИЗраел и Иран, предизвикува загриженост за можен недостиг на дизел и во Бразил.
Во такви услови, локалните решенија како ова биогориво може да помогнат во намалување на зависноста од фосилни горива и да придонесат за поголема енергетска стабилност.
Извор: Reuters