Од здружението Анима Мунди соопштија дека Град Скопје донел одлука за разрешување на директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, активистка на организацијата и, како што наведуваат, долгогодишна активистка за системско и хумано справување со проблемот со бездомните животни.
Според реакцијата, одлуката не била соопштена преку формална институционална процедура, туку преку телефонски повик, без претходен состанок, образложение или официјална комуникација.
Од Анима Мунди велат дека во изминатиот период до Градот доставиле повеќе документи, предлог-законски измени, усогласувања за институционалните надлежности, како и стратешки и акциски план за унапредување на „Лајка“, под мотото „За Скопје што се грижи“. Според нив, станувало збор за концепт заснован на хуманост, одговорност, ред и долгорочно решавање на проблемот со бездомните животни преку координирана институционална работа.
Во реакцијата се наведува дека начинот на кој е донесена одлуката отвора сериозни прашања за односот кон луѓето кои, како што тврдат, придонеле за стабилизирање и јакнење на институцијата во услови на ограничени ресурси и системска нефункционалност.
Од здружението оценуваат дека „Лајка“ во изминатиот период не функционирала само како јавно претпријатие, туку и како редок пример за градење институција со кредибилитет, професионалност и јасна хумана насока. Според нив, околу тој модел биле обединети активисти, ветеринари, граѓански организации, институции, донатори, меѓународни партнери и јавноста.
Анима Мунди смета дека отстранувањето на луѓе кои, според нив, донеле стабилност, интегритет и доверба во институцијата не може да се чита како обичен административен потег, туку како јасна порака за насоката во која ќе се движи управувањето со „Лајка“.
Во реакцијата се вели и дека не може да се зборува за унапредување на системот ако од него се оттурнуваат луѓето што го граделе, ниту за хуманост и јавен интерес ако се игнорираат трудот, знаењето и стратешките предлози доставени за развој на институцијата.
Поради тоа, здружението бара одлуката да биде повлечена, наведувајќи дека нивната реакција не е мотивирана од функција, туку од, како што велат, заштита на принципите, довербата, концептот што бил изграден и грижата за животните.
Во пораката до јавноста, Анима Мунди додава дека нема да се повлече од ангажманот околу „Лајка“ и дека ќе продолжи да дејствува во насока на заштита на животните и зачувување на хуманиот пристап во институцијата.