Поради грабежот во Лувр во Париз и евентуалната можност да се случи сличен инцидент во некој од музеите во Грција, надлежните органи се во состојба на висока готовност.
Како што објави весникот „Катимерини“, грчките министерства за внатрешни работи и култура планираат да го доверат чувањето на музеите, но и на некои археолошки локалитети, на грчката полиција.
Според надлежните неимениувани службеници кои ги цитира весникот „Катимерини“, од следниот март, културните богатства во Грција ќе ги чуваат и униформирани полицајци а не само како досега, цивилни вработени во Министерството за култура.

Според информациите добиени од „Катимерини“, 300 специјални чувари ќе учествуваат во оперативниот план, кој наскоро ќе биде интегриран во грчката полиција.
Инаку во Грција, сличен грабеж како оној во Лувр е забележан во 2012 година, кога сторителот успеал да провали во Националната галерија и да украде три уметнички дела од голема вредност, вклучувајќи и слика од Пикасо.
Во истата година кога се случила кражба во Галеријата, евидентиран е и грабежот на Музејот на историјата на Олимписките игри во Стара Олимпија.
