Граѓански протест во Карпош: „Партизан не го даваме“

Под слоганот „Партизан не го даваме“, жителите на скопската општина Карпош утре (среда, 16 јули) од 19:30 часот ќе се соберат на протест пред спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, попозната како „Партизан“. Причина за протестот е неодамнешната одлука на Владата да ја одземе салата од Општината и да ја префрли под надлежност на Министерството за спорт.

Според локалната самоуправа и граѓанските иницијативи, одлуката е донесена без консултација со општината и жителите, и се доживува како игнорирање на долгогодишните напори за обновување и активирање на овој објект од културно и историско значење.

„Партизан не е само зграда. Таа претставува симбол на заедништво, младост и спортски дух на Карпош“, порачаа организаторите. На протестот ќе говорат општински советници, претставници на спортски клубови и локални активисти.

Салата, инаку донација од Франција по земјотресот во 1963 година, низ децении била предмет на бројни иницијативи и проекти. Последната реконструкција била завршена од страна на Агенцијата за млади и спорт, по што во 2019 година објектот е официјално предаден на трајно користење на Општина Карпош.

Но, иако реконструирана, салата била предадена без опрема, греење и основна инфраструктура. Со средства од општинскиот буџет, во 2025 година биле инвестирани околу 4 милиони денари за нејзино целосно опремување и ставање во функција.

Сепак, Министерството за спорт ја оправда својата иницијатива со тврдење дека објектот не бил користен веќе подолго време. Владата ја донела конечната одлука за преземање на управувањето на 17 јуни, а Општината за тоа била известена во јули.

Реакциите од општинските власти и граѓаните не стивнуваат. Утрешниот протест се најавува како порака до институциите дека јавниот интерес и гласот на заедницата не смеат да бидат игнорирани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни