Бидејќи претпријатието има долг кон фирмата добавувач „Пуцко петрол“, не се испорачува веќе нафта за автобусите, поради што тие се исклучуваат од сообраќај, а возат само автобусите на гас.
И додека возачите истакнуваат дека не знаат кога автобусот ќе им изгасне поради недостиг на гориво, граѓаните преку социјалните мрежи се организираат за протест поради хаосот со кој се соочуваат со јавниот сообраќај во Скопје изминатите години.
Протестот е најавен за петок во 13:30 пред седиштето на Град Скопје.
Повикот првично дојде како иницијатива на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, но потоа граѓаните почнаа масовно да споделуваат на социјалните мрежи и по маалските и општинските групи на Фејсвбук.
Проблемот со јавниот превоз во Скопје не се сведува само на недостигот на гориво. Вработените укажуваат и на фактот дека не се продаваат билети, што доведува до недостиг на приходи во ЈСП, додека голем број патници се возат без да платат билет. Овој феномен, популарно наречен „шверцување“, дополнително ја влошува финансиската состојба на претпријатието.
Во овој контекст, Град Скопје досега не објавил официјално соопштение во врска со оваа ситуација, оставувајќи многу граѓани без информации за тоа што да прават во случај да останат без превоз. За многумина, ова значи дека ќе мора да бараат алтернативни начини на транспорт за да се вратат дома од работа или училиште.
Скопје се соочува со сериозен проблем во јавниот превоз, кој, доколку не се реши во брзо време, може да ја влоши и онака напнатата сообраќајна ситуација во главниот град.
Проблемите со јавниот превоз во Град Скопје доаѓаат по „раскинувањето“ помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и партијата која ја донесе градоначалничката на изборите, ВМРО-ДПМНЕ и меѓусебните блокирања и препукувања.