Стотици бродови во близина на иранскиот брег одеднаш се појавуваат на сосема погрешни локации – нивните навигациски системи ги прикажуваат на копно, групирани во совршени кругови кои не постојат во реалноста, пренесува Index.hr.
„О, Боже“, вели Мишел Визе Бокман, висока аналитичарка во компанијата за поморска вештачка интелигенција Windward, додека ги анализира позициите на трговските бродови во водите околу Иран, Обединетите Арапски Емирати и Катар.
„Гледам… 35 различни групи“, додава таа додека ја разгледува мапата на Ормускиот теснец, каде GPS координатите на стотици бродови очигледно се нарушени и ја прикриваат нивната вистинска позиција.
Воените конфликти денес не се водат само со куршуми и бомби – тие се водат и со електромагнетни бранови. Иако невидливо за човечкото око, ометувањето на GPS сигналите може да предизвика сериозни нарушувања, да ја отежне комуникацијата и дури да доведе до смртоносни несреќи.
Во последните години GPS-сигналите биле нарушувани и во Европа, па дури и авион во кој патувала претседателката на Европската комисија бил погоден од вакви пречки. Војната во Украина исто така го претвори GPS-попречувањето во секојдневие. Со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, електронското војување се шири на сè поголеми области.
Опасност на море
Бродовите користат AIS системи (автоматска идентификација) за да избегнат судири на море. Но кога GPS сигналот е нарушен, позициите на бродовите можат да се прикажуваат погрешно.
Голем танкер долг околу 300 метри кој превезува стотици илјади тони нафта не може брзо да запре или да го смени курсот. Ако екипажот не знае каде точно се наоѓаат другите бродови, ризикот од судир драстично се зголемува – особено ноќе или при лоша видливост.
„Проблемот не е што не знаете каде одите, туку што не знаете каде одат сите други“, објаснува Алан Вудворд од Универзитетот во Сари.
Кој стои зад сметњите?
Иако нема официјална потврда, воените аналитичари се сомневаат дека Иран стои зад нарушувањето на GPS сигналите. Техеран претходно предупреди дека бродовите кои ќе се обидат да поминат низ Ормускиот теснец може да бидат цел на напади.
Според аналитичарите, опремата за GPS-ометување што ја користи Иран веројатно е домашно произведена или развиена со технологија од Русија или Кина.
Потрага по решенија
Компаниите и воените структури веќе работат на технологии кои можат да ги заобиколат GPS-сметњите. Некои системи автоматски откриваат пречки и се префрлаат на други фреквенции.
Други технологии користат жироскопи, сателитски снимки или дури и позициите на ѕвездите за да ја одредат локацијата кога GPS не е достапен.
Експертите предупредуваат дека честото омeтување на GPS сигналите може да доведе до појава на нови, посигурни навигациски системи во иднина.