„Посакувам некои работи кои што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но и некои да не се сменат никогаш!“

По десетминутниот аплауз во МНТ, режисерката Тамара Котевска зборуваше за филмот, луѓето од „поскриените места“, домашната публика и приказните што ја држат суштината на нашата култура.

Македонската премиера на филмот „Приказната за Силјан“, одржана синоќа во Македонскиот народен театар, се претвори во силно колективно искуство. Десетминутниот аплауз, солзите во публиката и тишината за време на проекцијата јасно покажаа дека станува збор за филм што длабоко допира – не само како уметничко дело, туку како огледало на едно општество и неговите корени.

По проекцијата, обраќањето на Тамара Котевска ја заокружи атмосферата во салата. Таа отворено зборуваше за значењето на домашната премиера, нагласувајќи дека ниту едно меѓународно признание не може да го замени чувството да се стои пред сопствената публика. „Не можам да ја опишам возбудата која ја чувствуваме сите тука вечерва. Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан пред домашната публика. Ова е мојата најголема гордост“, истакна Котевска.

Таа подвлече дека филмот настанал без амбиција дека ќе стигне толку далеку и дека од самиот почеток бил создаден за домашната публика. Иако, како што рече, ѝ е драго што „Приказната за Силјан“ го видел и светот, уште поважно ѝ е што филмот ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во секој град, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат пристап до филмска уметност, кој често им е ускратен.

Во своето обраќање, режисерката особено зборуваше за луѓето зад приказната. „Луѓето како Никола и неговата фамилија ми даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив“, рече таа, додавајќи дека токму приказните од „поскриените места“ во Македонија, кои често делуваат заборавени, се суштината на нашата култура и ги држат корените на заедницата. Тие светови, според неа, не се маргинални, туку темелни за разбирање на тоа кои сме.

Котевска изрази и длабока благодарност до филмската екипа, која, како што истакна, се борела од почеток до крај, често без финансиска поддршка. Финансиите дошле многу подоцна, но посветеноста и истрајноста на тимот биле клучни за да се реализира проектот. Таа испрати и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој во моментот присуствувал на Cinema Eye Honors во САД, нагласувајќи дека за неа најважно било да биде токму тука – во Скопје, заедно со публиката.

Говорот заврши со реченицата што ја одбележа вечерта и стана нејзина централна порака: „Посакувам некои работи кои што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои да не се сменат никогаш.“

Со оваа порака, „Приказната за Силјан“ уште еднаш покажа дека не е филм што нуди лесни одговори, туку дело што отвора прашања и остава желба – дел од реалноста да се трансформира, а дел од човечноста, љубовта и поврзаноста со земјата да опстои засекогаш.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни