Трн: Како се одлучи за преминот од Париз и розе корици на готска темнина?
Јана: Всушност, овој жанр отсекогаш бил во мене, но само ми требаше време да го откријам и да му се предадам целосно. Ова се теми што секогаш ме привлекувале. Знаев дека сакам да го истражувам темниот свет и да создадам атмосфера на мистерија која те тера да гледаш зад аголот.
Трн: Мрачната атмосфера и спуки елементите се впечатливи во книгата. Како ги создаваше и што те водеше при обликување на целата таа мистика?
Јана: Се започна со една сцена што не можев да ја извадам од глава. Замислив ситуација, шокантна и напната, и од таа почетна идеја почна да се развива приказната. Таа сцена ми беше точката од која го градев остатокот на книгата, вметнувајќи ја мрачната енергија и дел по дел создавајќи ја мистиката околу готската опатија.
Трн: Колку има вистина во приказната?
Јана: Оваа книга е различна од моите претходни романи, затоа што е чиста фикција. Секако, има нешто лично во карактерите – тоа не може да се избегне. Но, овојпат приказната беше сосема нова и замислена, и повеќе се потпира на длабокиот однос помеѓу мајките и ќерките, на нешто универзално што многу луѓе можат да го разберат. Иако приказната е фиктивна, многу од сцените носат малку реалистични елементи што произлегуваат од некои мои лични видувања.
Трн: Како го создаде главниот лик, и што ти беше најголем предизвик при неговото обликување?
Јана: Главниот лик се појави сам од себе, како природен резултат на таа шокантна сцена што ја замислив. Сакав моите ликови да бидат комплексни, да не бидат „црно-бели“ и да имаат свои сенки и различни страни. Иако ликот не е базиран на некого од мојот живот, таа има некои елементи што се рефлексија на мои лични ставови и искуства. Најголемиот предизвик беше психологијата – да ја истражам и да ја обликувам нејзината мотивација на начин што ќе биде природен за неа, а не само да ја следи приказната.
Трн: Мотивите и симболиката на готската опатија се многу впечатливи. Што тие значат и како влијаат на приказната?
Јана: Готската опатија го гради целиот амбиент. Сакав таа темна и мистична локација да биде како лик сама за себе, да внесува тежина и мистичност. Несвесно, вклучив елементи од готскиот роман што сме ги учеле на факултет – и тоа ми беше огромно задоволство. Опатијата, гробиштата, шумата – сето тоа се познати готски елементи, но во книгата тие имаат свој посебен контекст што се открива подлабоко во приказната.
Трн: Кој е твојот став за пораката на книгата?
Јана: Во сите мои дела се провлекува некаков стремеж за личен мир и спокојство. Така е и тука – сакав моите ликови да ја завршат приказната со некакво прифаќање на себеси, со помирување. Идејата за внатрешен мир и соочување со своите демони е нешто што мислам дека сите ние го носиме во себе, без разлика колку животот ни се чини обичен или хаотичен.
Трн: Планираш ли да продолжиш со готскиот жанр или можеби ќе се префрлиш на нешто друго?
Јана: Не знам со сигурност, но мислам дека ќе продолжам да го истражувам овој жанр и да експериментирам со готскиот стил. Фасцинирана сум од можноста да создавам нешто мрачно и мистериозно што истовремено носи и доза на реалност.
Трн: Ти беше ли инспирација да посетиш места како тие што ги опишуваш?
Јана: Да, сум била на вакви места туристички, и тие се дел од мојата инспирација. Во романот има моменти од моето детство и лични искуства, но исто така има и некои слики кои ги црпам од архитектурата и облеката на одредени личности што ме инспирирале, па дури и од облеката на мојата мајка.
Трн: Кои моменти од детството ти го формираа вкусот за овој правец?
Јана: Филмовите беа тие што најмногу ми го формираа вкусот. Уште како дете ме привлекуваа мистеријата и хоророт, но немаше многу достапни книги од тој жанр. Благодарение на луѓето околу мене, научив да препознавам добар трилер или готска приказна, и од тогаш само продолжив да барам повеќе.
Трн: Што те плаши денес?
Јана: Најстрашни ми се сцени кога некој само те гледа без да се движи. Доста ми е познати се оние моменти на шок и изненадни движења, но кога некој е сосема мирен и само те гледа… е, тоа ми предизвикува најголеми морници! И да не заборавам БУБАЧКИ. Дома имам комарници на сите врати и прозорци и пак успеваат да влезат.
Фотограф: Ангел Ангеловски