„Господ е диџеј“ – театарска претстава инспирирана од Faithless во Вест Енд

Претставата ќе спои клупска енергија и театар, со диџеи и бенд во живо, а повеќе детали се очекуваат во 2027 година

Нов театарски проект инспириран од песната „God Is a DJ“ на групата Faithless од 1998 година е во развој и треба да ја донесе клупската сцена на театарската сцена во лондонскиот Вест Енд. Датумот на премиера и точната локација сè уште не се потврдени.

Проектот, насловен „Господ е диџеј“, според најавите ќе вклучува диџеи во живо, бенд во живо и препознатливи денс хитови, со цел да се создаде атмосфера блиска до клупското искуство. Креативниот тим го предводат наградувани уметници: текстот го потпишува Џесика Свејл, режијата е на Вики Федерстоун, а музичката режија на добитникот на БАФТА, Метју Бринд.

Федерстоун за „What’s On Stage“ изјавила дека проектот има лично значење за неа, поради нејзините искуства на клупската сцена во Манчестер во 1990-тите, вклучувајќи го и клубот „Hacienda“. Таа посочила дека претставата ја истражува потребата за припадност и заеднички момент на подиумот за танцување.

Делото е базирано на оригинален концепт од Ирит Тен Хенгел и ја следи приказната за „екстазата и болката на суперпопуларноста“, како и трансформативната моќ на музиката. Во одредени сегменти ќе биде предвидена и интеракција со публиката, која ќе има можност да им се придружи на изведувачите на подиумот за танцување.

Повеќе детали за проектот, вклучително и датумот на премиера и точната сцена во Вест Енд, се очекуваат на почетокот на 2027 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни