Трошокот за патување со меѓуградски автобус во Македонија веќе со години е сериозна финансиска бариера – особено за младите. Иако цените на горивата, кои беа главна причина за поскапувањето на билетите за време на пандемијата и енергетската криза, значително се стабилизираа и намалија, додека тарифите на меѓуградските автобуски линии речиси и да не се поместија надолу.
Во моментов, повратниот билет за рутата Скопје–Охрид–Скопје чини 1.200 денари, што е околу 25% повеќе отколку пред 2020 година, кога истата линија чинеше приближно 900 денари. Овој раст се случи во услови кога цената на дизелот во 2022 достигна рекордни 100,50 денари за литар, но денес е намалена на околу 72 денари, односно се врати на ниво блиску до она пред кризата. Истото важи и за бензинот, кој падна од речиси 90 денари на околу 73–75 денари за литар.
Што се случи со билетите?
Зголемувањето на цените на билетите беше разбирливо во време кога горивото чинеше двојно повеќе. Но денес, логиката на покачувањето повеќе не важи. Превозниците не ги намалија цените, иако нивните оперативни трошоци – особено за гориво – значително се намалија. Кога ќе се пресметаат и другите трошоци заедно, немаат реална оправданост цените да останат толку високи.
Скопје–Ресен, друга популарна линија, чини исто толку – околу 1.240 денари повратен билет. На линиите Скопје–Битола и Скопје–Штип, цените достигнуваат 700–800 денари во еден правец, што е зголемување од околу 30% во однос на 2019 година.
Колку може да си дозволи млад човек?
Во март 2024, минималната нето плата во Македонија достигна 22.500 денари, што е значително зголемување во споредба со 14.500 денари во 2020. Но, трошоците за живот, вклучително и транспорт, се зголемени уште побрзо. За студент или млад вработен кој неделно патува до родното место, превозот му одзема и до 20% од месечната плата.
Превозот станува луксуз наместо потреба, и сè помалку млади луѓе можат редовно да патуваат, дури и кога имаат потреба – за учење, работа или здравствена услуга.