Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 14.00 часот регистрирание се вкупно девет пожари на отворен простор, од кои шест сè уште се активни, два се ставени под контрола, а еден е изгаснат.
Во моментов горат пожари на југ и југозапад на земјата, вклучувајќи делови од Струмичко, Преспа, Битолско, Прилепско, Македонски Брод и Полошкиот регион.
Најкритично е во Езерани. Таму според информациите на Македонското еколошко друштво пожарот се приближува до околните населени места и потребна е одлучна и координирана интервенција.
Имајќи го предвид најавеното зголемување на температурите кои според УХМР ќе достигнат и над 40°C од Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и насоките дадени од надлежните институции за одговорно однесување на отворен простор.
– Воедно, уште еднаш упатуваме силен апел до граѓаните за внимателност затоа што и мало невнимание може да предизвика пожар од големи размери, а доколку забележат сомнително однесување од одредени лица или видат чад или оган на отворено веднаш да пријават на бесплатниот телефонски број во ЦУК – 112, споделија надлежните.