Пожарот избувнал вчера попладне, меѓу окрузите Сеферихисар и Мендерес, во јужниот и југозападниот дел на провинцијата. Според изјавата на гувернерот на Измир, Сулејман Елбан, огнот се проширил многу брзо поради силните ветрови кои дуваат со брзина од 70 до 117 километри на час.
Силниот ветер им оневозможува на противпожарните хеликоптери да интервенираат, додека само два авиони изведуваат воздушни интервенции и му помагаат на теренот, изјави Елбан.
Во регионот Сеферихисар, каде што пожарот се приближува до населените места, евакуирани се пет населби. Очевидец за агенцијата AFP изјавил дека жителите на селото Уркмез самостојно сечат дрвја во обид да спречат проширување на огнот до нивните домови.
Покрај тоа, нов пожар избувна на депонија во областа Газиемир, 13 километри од центарот на Измир, и се прошири кон шумска површина, загрозувајќи ја индустриската зона Отокен, каде се наоѓаат бројни автосалони. Според снимки емитувани од приватната телевизија NTV, еден од салоните е изгорен.
Поради опасната состојба, аеродромот во Измир ги суспендираше сите летови до и од градот.