Горењето дрва и прекумерниот сообраќај главни виновници за екстремното аерозагадување

Греењето на дрва и прекумерниот сообраќај се најголеми загадувачи на воздухот во урбаните средини во земјава, па поради тоа за трајно решавање на овој проблем потребна е гасификација и набавка на нови еколошки автобуси.

Според податоците, во земјава воздухот е загаден во Струмица, Струга, Куманово, Кавадарци и Гостивар во сите годишни времиња. Преку лето за тоа придонесува сообраќајот и минералната прашина, додека во зима загадувањето се должи на согорувањето дрвја, но и отпадни материи во релативно неефикасни и стари печки.

Ова го покажува едногодишниот мониторинг и анализа на повеќе од 1000 примероци во сите пет општини.

„Идентификувавме шест главни фактори, а тоа се согорувањето на биомаса или дрва, минералната прашина, којашто е поврзана со градежништво и ресуспензија на прашина од улиците, сообраќајот, како специфичен извор на загадување е огнот на отворено и согорувањето на отпад што го забележуваме насекаде во земјата, како и согорувањето на нафта и мазут којшто најчесто се користи за загревање на јавните институции“, вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски.

Најмногу на загадувањето влијае согорувањето дрва со околу 30 отсто, по што следуваат минералната прашина и сообраќајот.

Министерот за животна средина Изет Меџити изјави  дека трајно решение за проблемот со аерозагадувањето во земјава е гасификацијата како и во набавката на нови еколошки автобуси.

За да се постигнат резултати, Меџити повика на заедничко делување со сите останати институции, замена на греењето во здравствениот сектор и во училиштата кои сѐ уште се греат на мазут, употреба на помалку штетни горива.

Општина Струмица, која беше една од петте општини следени со овој мониторинг, неодамна набави 10 нови електрични автобуси за јавен транспорт, со што стана единствената во земјава, но и на Балканот, којашто воведува целосно електричен јавен превоз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни