Пијанистот, композиторот и аранжерот Гордан Спасовски ја доби традиционалната награда за Најдобар македонски џез музичар за изминатата година, што ја доделува Скопскиот џез фестивал.
Спасовски е дел од Националниот џез оркестар, формација што произлезе од биг-бендот на Здружението на џез музичари (ЗЏМ), и е меѓу најзначајните автори што го обликуваат современиот џез звук и музичка сцена во земјата.
Наградата му беше врачена на отворањето на 44. издание на Скопскиот џез фестивал, кое се одржа вчера вечер. Настанот започна со настапот на легендарното полско трио Andrzej Jagodziński Trio, а вечерта ја заокружи концертот на Националниот џез оркестар со специјалните гости Sigi Feigl и Luis Bonilla.

„Ова признание е голема чест и поттик да продолжам со истото темпо во создавањето на нова музика“, изјави Спасовски по доделувањето на наградата. Тој веќе повеќе од една деценија активно твори и настапува на домашната и меѓународната сцена, а неговите композиции се познати по спојот на традиционални мотиви со современи џез елементи.
Со ова признание, Скопскиот џез фестивал уште еднаш ја потврдува својата улога како клучна платформа за промоција на домашните уметници и развој на џез културата во Македонија.
Фото: Скопски џез фестивал