Горат облакодери во Хонг Конг, одекнуваат експлозии: најмалку 36 загинати, 279 исчезнати

Најмалку 36 лица загинаа во разорниот пожар што денеска го зафати голем стамбен комплекс во Хонг Конг, додека пожарникарите и понатаму се борат со огнената стихија.

Трагичните податоци ги потврди лидерот на Хонг Конг, Џон Ли, кој на прес-конференција истакна дека судбината на 279 лица е сè уште непозната и дека тие се водат како „недостапни“. Во болница се пренесени 29 повредени, од кои најмалку седум се во критична состојба.

Ли изрази сочувство до семејствата на загинатите и повредените и додаде дека причината за пожарот сè уште е предмет на истрага. Во меѓувреме, од терен пристигнуваат нови информации што го доловуваат драматичниот развој на настаните.

Пожарот е опишан како „голема катастрофа“. Траги од пламенот и понатаму се видливи на четири од седумте зафатени згради, а околу 900 жители се сместени во привремени засолништа. Властите најавија дека полициска работна група ќе го истражува потеклото на пожарот и дека ќе се провери дали материјалите користени при неодамнешната обнова биле соодветни на стандардите за противпожарна безбедност.

Иако пожарникарските служби соопштија дека пожарот „се става под контрола“, повикаа на претпазливост, бидејќи ситуацијата се менува од минута во минута. Пожарникарите се соочуваат со исклучително високи температури во внатрешноста на зградите, а дополнителен ризик претставуваат паднатите скелиња и распламтените остатоци што паѓаат од голема висина.

Во една од најдраматичните акции досега, спасени се бебе и постара жена, кои веднаш добија прва помош и кислородни маски. Снимките прикажуваат драматични моменти додека медицинските екипи ги изнесуваат од горните катови.

Повеќе од 700 луѓе беа евакуирани и сместени во привремени центри. Комплексот „Wang Fuk Court“, зафатен од пожарот, се состои од осум облакодери со повеќе од 4000 жители; околу 36 проценти од нив се постари од 65 години. Сите згради имаат најмалку 31 кат, а вкупниот број на станови надминува 2000.

Пожарникарските тимови и натаму се борат со огнот, кој веќе со часови го проголтува стамбениот блок. Од терен се слушаат експлозии, а медиумите јавуваат дека искри летаат од фасадите. Дописничката на BBC, Фиби Вонг, известува за „постoјано пукотење“ од зафатената област.

Пожарот е класифициран како пожар од петти степен – највисока класификација на опасност во Хонг Конг, град познат по строго контролирани градежни стандарди и висок степен на безбедност. Но оваа трагедија уште еднаш покажува колку брзо огнот може да се прошири во густо населени урбани средини со високи згради.

Спасувачките тимови продолжуваат со потрагата по исчезнатите жители, додека градските власти се обидуваат да утврдат како дошло до една од најтешките несреќи во поновата историја на Хонг Конг.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни