Кога се соработува со прекрасни луѓе, излегува и прекрасен продукт, вели Горан Таневски, најавувајќи го јубилејниот концерт „40 години Горан Таневски“, кој ќе се одржи на 20 декември 2025 година (сабота) во МКЦ – Скопје.
„Новата музичка подлога и концептуалниот пристап кон музиката ме наведе на тоа дека ‘Девојка од Бронза’ е најдобар показател во кој правец оди вториот албум ‘More’ од трилогијата ‘Среќен сум дури и без себе’ – а тоа е: очекувај го неочекуваното“, изјави Таневски.
40 години „Девојка од Бронза“
Јубилејот ќе биде обележан со специјална изведба на „Девојка од Бронза“, една од највпечатливите песни од неговата дискографија. Во проектот учествуваат:
- Горан Таневски – музика, текст, аранжман и вокал
- Перо Стефановски (Sanatorium) – гитара, пратечки вокал
- Александар Стефановски (Conspiracy) – гитара, бас, едитинг на тапани, микс и мастеринг
- Зоран Казаков – труба (снимено во студиото FIS Production)
Видео материјалот го уредува Елеонора Теова, која стои зад монтажата и архивската селекција. Во него се вклучени ретки архивски снимки што ги документираат четири децении работа и инспирација.
Со овој концерт, Таневски симболично го затвора едно големо музичко поглавје – од авангардните осумдесетти со „Мизар“, до денешните индивидуални експерименти кои го обединуваат звукот, зборот и визуелното.
Публиката може да очекува моќен спој на класични композиции и нов материјал, со типичната темна естетика и духовен интензитет што го следи цели 40 години.