Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје, својата светска премиера ќе ја има на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, организиран од Ла Биенале ди Венеција, што ќе се одржи во Венеција Лидо од денеска до 9 септември.
„Домаќинство за почетници” ќе биде дел од натпреварувачката програма „Orizzonti“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.
Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм “Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Melbourne International Film Festival. „Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје, што има обезбедено дистрибуција на територија на САД, преку компанијата Focus Features (Universal Pictures).
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.
Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петтте најзначајни фестивали во светот од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс. Ова е четврто претставување на македонски автор на овој фестивал, по „Пред дождот“ во 1994 и „Прашина“ во 2001 на Милчо Манчевски, „Судијата“ во 2002 на Жанета Вангели и „Најсреќниот човек на светот“ во 2022 на Теона Стругар Митевска.