„Ништо не е како во твојата драма, сè е како во мојата стварност“

Драмски театар и Трн во слава на Горан Стефановски

На денот кој би бил седумдесет и вториот роденден на Горан Стефановски, младите актери на Драмски театар: Јована Спасиќ, Томислав Давидовски и Марјан Наумов за публиката на Трн изведуваат фрагмент од драмата „Дупло Дно“.

„Времето идно, времето минато и времето сегашно го сочинуваат времето театарско“, ќе напише Горан Стефановски во неговата драма „Дупло Дно“ и токму таму, во безвременскиот простор на театарот ќе остане засекогаш да живее преку неговото неисцрпно творештво.

Денес, на 72 годишнината од неговото раѓање, му оддаваме почит на великанот на македонската книжевност и драматургија. На човекот кој копнееше да ја ткае македонската приказна и кој во своите драми ја пишуваше приказната за својот народ – често заглавен во паланката, во патријархалното чмаење, во семејството кое страда, во местото во кое „иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Неговите херои често потфрлаат, но мора да постојат… за да ги жалиме и да се препознаваме во нив.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Неговите родители работеле во Народниот театар – Битола. Неговиот татко, Мирко, бил театарски режисер, а неговата мајка, Нада, глумица. Голем дел од детството на Горан го поминал во театрите.

Студиите по англиски јазик и литература ги завршил на Универзитетот во Скопје и една година студии на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград. Дипломирал како најдобар студент на својата генерација во Скопје и се вработил во Одделението за драма на ТВ Скопје, а наскоро се вратил на универзитетот за да предава англиска литература, со посебен фокус на Шекспир.

Во октомври 1974 ја напишал претстава „Јане Задрогаз“ за Слободан Унковски која постигнала голем успех на престижниот меѓународен театарски фестивал во Белград (БИТЕФ), потоа и во Париз и конечно на Театарскиот фестивал Каракас во Венецуела.

Во 1979 година ја напишал својата најпозната претстава „Диво месо“, која досега доживеа петнаесет продукции низ цела Европа, вклучително и Лондон и е во наставниот план за средните училишта во Македонија. Ова дело му ја донело Октомвриската награда на Република Македонија за извонредно уметничко достигнување, највисоката награда на Републиката, како и наградата во 1980 година за најдобра југословенска претстава на годината на Југословенскиот народен театарски фестивал. Две години подоцна, премиерно била изведена и преставата „Лет во место“, во која Стефановски се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот XIX век и идентитетот на нацијата. Во 1985 е дел од успешната ТВ-серија за деца. „Бушава азбука“.

Стефановски во 1986 година го основал отсекот за драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде бил редовен професор до 1998 година.

Во 1987 година, Стефановски ја напишал првата верзија на сценариото за филмскиот режисер Столе Попов, „До балчак“, филм кој се снимал до 2014 година.

Во септември 2000-та година се преселил во Кантербери Англија и предавал сценарио и драматургија на Универзитетот во Кент пред да ја преземе функцијата на универзитетот Кантербери Крист Чрч во 2002 година, предавајќи сценарио, се до неговата смрт во 2018 година.

Најзначајни од неговите подоцнежни претстави биле неговите две адаптации на антички грчки текстови, „Баханалии“ според Еврипидовиот „Баханки“ и „Одисеј“ според Хомеровата „Одисеја“. Голем дел од неговите подоцнежни дела ги режирал Александар Поповски, поранешен студент на Стефановски на скопската академија, во театрите низ цела Европа.

Стефановски бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а во 2004 година станал член и на Македонската академија на науките и уметностите. Покрај драми, Стефановски пишувал и кратки раскази кои се собрани во збирката „Конзервирани импресии“ (издание на Темплум од 2004 година). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Горан Стефановски почина во 2018 година на 66-годишна возраст. Во својот тестамент изразил желба пепелта да биде растурена над Охридското Езеро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни