Индог е илустратор, радио водител и музички селектор кој црпи инспирација од субкултурата, слободата на подиумите, ерата на тек хаус музиката и летото на љубовта во Скопје.
Со 25-годишно искуство во областа на дизајнот, радио и промоција на културата, тој сè уште го бара совршениот термин за да го инкапсулира сето она што го прави, но ужива во секој момент од тоа.
Во 2020 година, тој го започна подкастот „Celebrate Life“, мотивиран од пандемијата за да иницира дискусии за Важноста на свеста за менталното здравје.
Трн: Во Македонија си еден од пионерите во „правењето подкаст“ и веќе четири години, дисциплинирано и посветено го градиш каналот #celebratelifepodcast. Кои се темите и кои се луѓето кои ти се гости во емисиите?
Indog: Радиото е моја стара љубов и прекрасно е што по повеќе од 15 години се вратив во етерот во 2020 година, за жал во лош миг, меѓутоа инспириран од пандемијата и од потребата да се поттикне дискусија за важноста на свеста за менталното здравје.
Го започнав поткастот на кој имав супер дискусии со разни луѓе, беше супер инспиративно во миговите кога седевме дома и тоа беше начинот на дружење и комуникација. По враќањето во физичкиот живот, поткастот продолжи. Моите гости ги бирам и се луѓе кои што имаат што да кажат, се посебни во тоа што го работат и го создаваат и би сакал да ги запознаам повеќе од друга перспектива и што тие мислат за одредени теми.
Некои од овие млади актуелни млади музичари денес, ја имаа можноста за прв пат да се презентираат во јавноста, токму кај мене на подкаст. Презентирам музика од разни епохи во Македонија и од светот, сегашноста, иднината, минатото. Четвртата и петтата сезона се со фокус каде што се обидувам да им дадам друга димензија на понеделниците со „АМ шоу“, а мотото е: „Само нежно кон себе во понеделник“. Се обидувам понеделничките утра на сите да ни се малку поинакви. (Понеделник sucks, legalize the 4 day weekend:) Мене ми се, и на слушателите што нѐ слушаат, според реакциите и според она што тие ни го пишуваат.
Иако зборувам за темите што секогаш и биле присутни во #celebratelifepodcast за се` што не` опкружува… Градскиот живот, човековите права, кул луѓе, нови начини на размислување, прогресивен мајндсет, човештво и хуманост… музиката има огромна терапевтска улога во овие утрински емисии, покрај мојата рефлексија на градот во утрата кога одам накај радиото. Си дадов предизвик себеси поинаку да го доживувам градот секој понеделник и тоа го презентирам во програмата. Супер е, уживам многу.
Трн: Последние години се ужасно стресни за целото човештво – од пандемијата наваму, одиме од здравствена, во економска, во воена криза… Ако некој ти побара како илустратор да направиш визуелизација на човековиот род денес, што би нацртал?
Горан: Често зборувам дека ја гледам дистопијата секој ден… Многу измешани емоции… многу тага, ниско ниво на свест и емпатија, смрт, збунетост, панични и анксиозни напади, излудени и себични луѓе, простаклук, воздишки, разочарувања но, и надеж. Моите илустрации низ годиниве се инспирирани од случувањата во општеството, одреден период кога бев многу тажен цртав со многу бои, и експресијата беше многу силна и уште е! Не би можел да одвојам боја за денешницата, но се мислам дека дефинитивно ќе бидат повеќе бои кои што ќе симболизираат надеж!
Трн: Рамноправност, солидарност, емпатија, прогрес, прифаќање различности… термини кои се под закана од исчезнување под налетот на некои бескрупулозни идеи создадени од омраза и страв. Има ли сцена која ќе е гард и брана пред налетот на вторите?
Горан: Фасцинантно е дека живееме во ера на технолошки развој, меѓутоа сѐ уште се справуваме со работи што не водат во регрес и одамна требаше да ни се надминати. Секојдневното газење на човековите права и тоа како е пораз на целото човештво. Нееднаквоста, сиромаштијата, корупцијата, немањето воздух, правото секој да си мисли дека смее да ти кажува што да правиш со својот живот и да ти се заканува, и тоа како не се одлика на современиот човек денес.
Колку и да звучи дека крајот на светот е дојден одамна, особено ми е драго што сѐ уште постојат луѓе што свесно и цврсто се трудат и се борат „дивите луѓе“ да не завладеат комплетно. И те како има сцена, можеби е мала ама таа постои и ќе постои секогаш за мене тие се современите луѓе. Иако звучи утописки ама овие луѓе шират љубов, емпатија и разбирање, садат дрвја, не уништуваат туѓи животи и не грабаат лакомо за свои цели, не се насилни, возат точаци, не фрлаат ѓубре, го сакаат и допринесуваат својот град, не се занимаваат со криминал итн.
Трн: Сепак, твојот опус е ставен под многу позитивна и оптимистична порака: #CelebrateLife Слави го животот, како Indog го слави животот? Кога си најсреќен?
Indog: Celebrate life се појави како концепт пред 14 години и е општ протест врз целосното деструктивно опкружување, кое што ние го живееме во тие моменти. Впрочем, концептот беше создаден во најтешките мигови на нашето општество и непрепознавањето на средината секогаш мапираше одредени промени кои што се случуваат и менуваат. Бедата не ти остава ништо друго освен да се надеваш и да создаваш за она што ти недостасува. Јас сум најсреќен кога сум јас!
Во последно време ми е драго што повторно почнав да купувам плочи и да ги пуштам истите и да гледам како луѓето се забавуваат и уживаат во нив. Музиката има неверојатна исцелувачка моќ, шири љубов и изнудува емоции, исто така и моите илустрации, но таму понекогаш знам и да пренесам одреден бес, и тоа да биде почувствувано. Долги години се бавев со себе и не се мешав со луѓе, па враќањето помеѓу нив моментално ми е фантастично, и во моментов сакам тоа највеќе – да пуштам плочи, дефинитивно.
Трн: Кога би можел со временска машина да патуваш во времето, кога и каде би заминал?
Горан: Уууууу, заебано прашање! Би сакал да почувствувам дел од 70-тите и 80-тите во Лондон, Њујорк, Ибица и Југославија, меѓутоа дефинитивно би сакал за момент да се вратам уште еднаш во доцни 90-ти и рани 2000-ти во Скопје. Тоа беше нашиот Лондон кој го живеевме, и дефинитивно имаше огромна улога во тоа што сум денес и во продолжувањето да живеам и работам во целиот тој неверојатен, вибрантен дух кој го дрмаше Скопје. Тоа беше нереално прекрасно што се случуваше во нашиот град, пре модерно и уникатно доживување во тек со целиот свет. Носталгијата е убава работа, меѓутоа, одиме понатаму и мораме да создаваме нови спомени. Тука сме, се уште работиме и ќе работиме!
Трн: Каква музика сакаш да пушташ, а каква имаш во слушалици?
Indog: Често повторувам дека пуштам модерна музика за модерни уши! Глупо ми е да се ограничам само на еден жанр, затоа често мешам различни музички жанрови како deep house, мелодичен jazz, pop и disco punk.
На слушалици често слушам многу подкасти и едукативни работи, ама уживам и во секоја музика, од ambient, post-metal, screamo, shoegaze, neo soul, до house и jazz, итн., иако често се враќам на музиката од моето детство. Toа е моето место на среќа! Професионална деформација за мене е да ги следам сите новости од светот на музиката и секогаш сум во тек.
Трн: Совршен викенд е…
Горан: Животот во недела на изгрејсонце и зајдисонце на улиците на Скопје е потсетник на викендашка победа. Кога го пиеш првото еспресо на тераса во 6 сабајле, додека градот спие. Возење со кола или точак во ниедно време кога времето не постои, разговараш со некого или можеби тонеш во своите слушалици и тоа што го слушаш. Прљави патики после журка. Прекрасна храна со блиски луѓе кои што ти се семејство. Убава трема пред да пушташ плочи. Заборавање во цртање и збунетост кога прошло времето. Будење во туѓ кревет и прашување како завршив тука. Време за блиските кои што се поретко ги гледаме. Природа и не зјапање во телефон. Уживање во својата досада. Време за преслушување на нова музика и урлање на дешавки од претходните денови… И да повторам, legalize the 4-day weekend:)