Компанијата Google прифати да плати 68 милиони долари за да ја реши колективната тужба во која беше обвинета дека нејзиниот дигитален асистент незаконски ги снимал разговорите на корисници на паметни телефони и со тоа ја нарушил нивната приватност.
Прелиминарната спогодба е поднесена до сојузниот суд во Сан Хозе, во американската сојузна држава Калифорнија, а за да стапи во сила потребно е одобрување од судијката Бет Лабсон Фримен, објави Си-Ен-Би-Си.
Во тужбата, корисниците тврдат дека компанијата без нивна согласност снимала приватни разговори и ги дистрибуирала до огласувачи, со цел прикажување таргетирани реклами. Според наводите, ваквата пракса претставувала директно кршење на правото на приватност.
Гугл ги негираше обвинувањата, но сепак се согласи на спогодба за да ги избегне ризиците, трошоците и неизвесноста од долготраен судски процес.
Доколку судот ја одобри спогодбата, право на отштета ќе имаат сопствениците на уреди на Гугл кои ги користеле од 18 мај 2016 година наваму. Според судските документи, адвокатите на тужителите ќе можат да побараат до една третина од фондот за спогодбата за покривање на судските трошоци, што изнесува околу 22 милиони долари.
Сличен случај имаше и Apple, која во декември 2024 година постигна спогодба вредна 95 милиони долари со корисници на паметни телефони, по тужба поврзана со заштитата на приватноста.
