Според документација за поддршка што ја забележа технолошкиот портал 9to5Google, Google воведува опција со која корисниците ќе можат да ја заменат постојната @gmail.com адреса со нова, која исто така завршува со @gmail.com, додека целата содржина на сметката ќе остане непроменета.
Во ажурираната документација се наведува дека е-поштата поврзана со Google сметката служи за најавување на сите услуги и за идентификација на корисникот, но дека, по желба, таа адреса ќе може да се смени без да се отвора нов профил.
Практично, тоа значи дека корисниците ќе можат да го задржат целиот свој дигитален архив – фотографии и видеа на Google Photos, датотеки на Google Drive, како и пристап до сите претходно купени апликации од Google Play Store и покрај промената на е-поштата.
Досега ваква можност постоеше само за корисниците кои креирале Google сметка со адреса од трета страна, додека оние со @gmail.com адреси мораа да отвораат целосно нови сметки доколку сакаа промена.
Сепак, функцијата ќе има одредени ограничувања. Промената на Gmail адресата ќе биде дозволена најмногу еднаш на 12 месеци, со вкупен максимум од три промени.
Иако новината сè уште не е достапна за сите корисници, не е објавено кога точно ќе започне глобалната примена. Според проценките, функцијата би можела пошироко да стане достапна во текот на 2026 година.