Google отпушти повеќе од 100 вработени во рамките на својата cloud единица, при што отказите најмногу ги погодија дизајнерските позиции и тимовите задолжени за истражување на корисничкото искуство, објави CNBC.
Според интерни документи, отказите се случиле на почетокот на неделата во тимовите за квантитативно истражување на корисничкото искуство и тимот за платформи и услуги. Станува збор за експерти кои работат со податоци, анкети и други алатки за да го разберат однесувањето на корисниците – клучен сегмент за развој и дизајн на производи.
Фокусот се пренасочува кон вештачката интелигенција
Овој потег е дел од пошироката стратегија на компанијата за намалување на бројот на вработени и пренасочување на ресурсите кон приоритетните инвестиции во вештачка интелигенција (AI). Дел од дизајнерските тимови во cloud одделот наводно се преполовени, а најголем дел од отпуштените работеле во САД. Некои вработени добиле рок до почетокот на декември да пронајдат нова позиција во рамките на компанијата.
Технолошкиот гигант уште од почетокот на годината има спроведено неколку круга на отпуштања. Нудеше пакети за доброволен отказ во различни оддели и укина повеќе од една третина од менаџерските позиции кои раководеле со мали тимови. Наскоро компанијата почна да ги поттикнува вработените да ја користат вештачката интелигенција поинтензивно во секојдневното работење.
Уште во август, извршниот директор на Google, Сундар Пичаи, им најави на вработените дека компанијата ќе мора „да биде поефикасна додека се шири, за да не ги решава сите предизвици со зголемување на бројот на вработени.“
Google не е единствената технолошка компанија која спроведува реструктуирање. Во јули, Microsoft отпушти 9.000 вработени на различни позиции низ целиот свет, а претходно и Meta спроведе значајни отпуштања.