Google воведува нови Gemini AI алатки во Docs, Sheets, Slides и Drive

Новите функции на Gemini треба да го олеснат пишувањето документи, креирањето табели и презентации, како и пребарувањето информации во Google Drive.
Foto: Google

Технолошкиот гигант Google најави нови функции на својата вештачка интелигенција Gemini, кои ќе бидат интегрирани директно во алатките од пакетот Google Workspace – Docs, Sheets, Slides и Drive. Целта на овие надградби е корисниците побрзо и полесно да создаваат содржина, да анализираат податоци и да пронаоѓаат информации во своите датотеки. 

Една од најзначајните новини во Google Docs е алатката „Help me create“, со која корисникот може едноставно да опише што сака да напише, а Gemini автоматски ќе создаде целосен прв нацрт на документот. Вештачката интелигенција може да користи информации од Gmail, Chat и Drive за да создаде персонализирана содржина, како на пример билтен, извештај или план за настан. 

Покрај тоа, новата функција „Match writing style“ може да го усогласи стилот и тонот на текстот низ целиот документ, што е особено корисно кога на еден документ работат повеќе луѓе. Друга алатка, „Match the format“, овозможува автоматско прилагодување на структурата на документот според пример или шаблон. 

Во Google Sheets Gemini станува еден вид „паметен асистент“ кој може со една команда да создаде целосна табела. Корисникот само треба да опише што му е потребно, а системот ќе генерира табели, списоци или планови и ќе ги пополни со податоци од е-пошта, документи или интернет. Дополнително, функцијата „Fill with Gemini“ може автоматски да пополнува колони, да категоризира податоци или да прави резиме на информации. 

Надградби добива и Google Slides. Gemini може да создава нови слајдови што се вклопуваат во стилот на презентацијата и дури да предложи дизајн и распоред на елементите. Во иднина се очекува да биде можно со една команда да се создаде цела презентација од неколку слајдови. 

Промени има и во Google Drive. Со функцијата „Ask Gemini“ корисниците ќе можат да поставуваат прашања за своите документи, а системот ќе создава кратки AI-прегледи со најважните информации, без потреба да се отвора секој документ посебно. Ова овозможува побрзо пребарување и анализа на големи количини податоци. 

Новите Gemini функции моментално се достапни во бета верзија и најпрво ќе бидат понудени за корисниците на пакетите Google AI Ultra и Google AI Pro, со поддршка на англиски јазик. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни