Google, благодарение на својот нов модел за вештачка интелигенција Gemini 3, би можел да ја преземе водечката улога во развојот на AI, три години по лансирањето на ChatGPT од компанијата OpenAI.
Според анализа на порталот Verge, за победа во глобалната AI трка не се доволни само квалитетни модели, туку и огромни ресурси за развој и скалирање, широка дистрибуција на производи и пристап до кориснички податоци. Google е единствената компанија која ги има сите овие елементи истовремено.
Клучниот исчекор е направен во ноември, кога беше претставен Gemini 3, кој во повеќето релевантни тестови се рангирал како еден од најдобрите модели на пазарот на големи јазички модели. Дополнителна предност е тоа што моделот е обучен на сопствени TPU чипови на Google, со што компанијата избегнува зависност од Nvidia и има целосна контрола врз хардверот, софтверот и трошоците.
Google и Apple оваа недела објавија дека Gemini ќе го движи новиот Siri асистент, во рамки на повеќегодишен договор вреден околу милијарда долари годишно. Ова му овозможува на Gemini потенцијален пристап до стотици милиони корисници, бидејќи Siri дневно обработува околу 1,5 милијарди барања, што значително ја намалува разликата во однос на ChatGPT по број на интеракции.
Дополнителен стратешки чекор е воведувањето на функцијата „лична интелигенција“ (Personal Intelligence), која му овозможува на Gemini да користи податоци од корисничкиот Google екосистем – пребарувања, историја на YouTube, е-пошта, документи и фотографии – за да дава персонализирани одговори без сложени упати. Функцијата моментално е достапна на ограничен број претплатници, со план за поширока интеграција во Google Search.
За AI индустријата, оваа комбинација на врвен модел, сопствена инфраструктура, масовна дистрибуција и напредна персонализација претставува голема предност. OpenAI сеуште има силен бренд и голема база на корисници, но анализата нагласува дека Google преку Gemini поседува речиси сите други стратешки ресурси.
Сепак, пред Google стојат предизвици како прашањето за приватноста, особено во Европа каде собирањето податоци од повеќе сервиси може да се судри со GDPR регулативите, пренесува Business Insider.
