Роберт Голоб денеска го почнува вториот круг постизборни разговори со лидерите на словенечките партии, во обид да обезбеди политичка поддршка за формирање нова влада по изборите од 22 март. Во фокусот на разговорите ќе бидат кризничните мерки поради влошените геополитички прилики и борбата против корупцијата, како две точки околу кои би можел да се бара заеднички именител.
Лидерот на Движењето Слобода, кое освои најмногу гласови на изборите, ќе разговара со претставници на Социјалдемократите, Демократите, Левица, Весна и Ресница. Десничарската Нова Словенија повторно го одбила повикот за средба, додека на Словенечката демократска партија на Јанез Јанша воопшто не ѝ бил упатен повик.
Според словенечката агенција СТА, токму прашањата за отпорноста на државата во време на кризи и системската борба против корупцијата треба да бидат основата врз која ќе се тестира можноста за нова владина коалиција. Нацрт-основите за антикорупциски мерки веќе се подготвени во Движењето Слобода и им се доставени на партиите.
Патот до парламентарно мнозинство од 46 пратеници, сепак, останува неизвесен. Демократите на Анже Логар и Ресница на Зоран Стевановиќ ја истакнале токму борбата против корупцијата како клучна за продолжување на разговорите, но воедно ја отфрлиле можноста за коалиција со Левица.
На изборите одржани на 22 март, Движењето Слобода освои 29 пратенички места, додека партијата на Јанез Јанша доби 28. Во парламентот влегоа и Нова Словенија со девет мандати, Социјалдемократите и Демократите со по шест, како и Левица и Ресница со по пет пратеници, додека два мандата им припаднаа на претставниците на унгарското и италијанското малцинство.