Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на новоформираниот „Одбор за мир“ за Појасот Газа, соопшти словенечката влада.
Информацијата е објавена на официјалниот профил на владата на платформата X, каде што е споделена и содржината на поканата. Во неа, „Одборот за мир“ е опишан како клучно тело во меѓународните напори за ставање крај на конфликтот во Појасот Газа и за постигнување траен мир во регионот.
Според соопштението, иницијативата има за цел да обедини политички лидери и меѓународни актери кои би придонеле кон дипломатско решение и стабилизација на состојбата.
Сепак, според неофицијални извори, словенечкиот премиер не е наклонет кон прифаќање на поканата, пренесува словенечката новинска агенција СТА. Засега нема официјална потврда дали Голоб ќе учествува во оваа иницијатива.