На 10 октомври во 19 часот во Public Room ќе биде отворена изложбата на уметнички фотографии на Александар Томовски “Голо. Ти. Ја.”
Александар Томовски е роден 1985 година во Скопје- софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време.
Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува неисцрпна инспирација на уметниците.
„Голо. Ти. Ја.” навестува длабоко интимно и сирово истражување на женската форма. Фото-есеј од неколку поглавја каде што во еден хармоничен и провокативен баланс коегзистираат грациозноста и ранливоста на женското тело.
Фотографии кои преку деликатна интеракција на светлина, сенки и емоции, ги покануваат гледачите во еден приватен дијалог помеѓу авторот и субјектот.Се чини како секоја фотографија да ја открива моќта и мекоста на женственоста, користејќи пози, осветлување и кадри кои ги истакнуваат нијансите на формата и текстурата кои се чувствуваат безвременски, а сепак лични.