Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови

Месецов започнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности и ќе се одвива во текот на целата година. Новото, 19-то издание АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата.

Mуралите се израз на урбаната култура на градот. На современиот идентитет на градот, на супкултурата и на отпорот на младите. На нивната автентичност. Муралите го бојат сивилото на градот со пораки и слики кои даваат еден нов израз и носат еден нов прогресивен дух. Еден нов импулс на маалото. Пораките на муралите кореспондираат со актуелниот момент, со светот во кој живееме и со светот во кој сакаме да живееме. Тие се бунтот и изразот на младите уметници.

Последниот мурал насликан на зградата спроти Студенсткиот дом Кузман ја отсликува солидарноста на заедницата соодветствува на моментот низ кој што поминува, не само градот туку и државата и светот. Акто фестивалот собра на едно место неколку млади уметници кои имаат што да покажат преку нивните дела на ѕидовите

– Со мојата колешка Ана и со колегата Доро, од пред две години ја меркаме оваа зграда на која имаше претходно еден рекламен материјал кој што веќе се љупеше и беше во процес на распаѓање заедно со фасадата. Кога ни беше дадена шансата да изработиме мурали на тема на заедништво и солидарност, што мислиме дека е многу битна тема сама по себе во општествово во кое што живееме, си рековме дека оваа зграда е перфектна за тоа затоа што е во строг Центар и пораката не се однесува на само една специфична заедница, туку се однесува на сите минувачи кои што минуваат тука, на сите сцени, заедници кои заедно се потсетуваат дека солидарноста е темелот на здраво општество. Станарите беа особено драги и до нив сакам да изразам огромна благодарност затоа што прв пат работиме на мурал каде што осетивме баш една огромна топлина и оптимизам од нивна страна – вели Ивана Самандова, една од уметничките која работеше на муралот.

Ивана Самандова

Композицијата на муралот е составена од луѓе од различна возраст и намената на авторите е сите да се пронајдат во него. Пораките се во духот на солидарноста и заедништвото, што е всушност како што велат младите уметници е и суштината на Скопје.

– Се држиме до тоа заедништво и до таа солидарност, затоа што Скопје е градот на солидарноста и сакаме да ја чуваме таа порака како Скопје бил изграден, како е обновен и како сеуште можеме да му даваме нов сјај преку овие уметнички мурали. За нас муралите значат заедништво. Сакаме да го освежиме градот, да му дадеме едно ново лице затоа што муралите се битни за еден град. Тие го даваат неговиот отисок, неговото лице и би било убаво да ги има повеќе во градов- вели Ана Трајковска, уметничка која учествуваше во изработката на муралот.

Ана Трајковска

Оваа група млади луѓе е во процес да исцртување неколку мурали не само во Скопје туку и во останатите градови. Еден од градовите е Кичево, потоа Прилеп.

-Во овој целокупен концепт спаѓаат 4 до 5 мурали каде пред се идејата е да пренесуваме некоја порака која што е во јавен простор. Целиот концепт се сведува на идеја која што има одредена уметничка изјава или цитат од некои познати автори со цел да носи некоја порака за заедништвото, за љубовта спрема пријателите, за љубовта спрема градот. Значи пред се ширење на некоја позитивна порака каде низ уметничко дело сакаме да го оживееме тој простор и амбиент во една нова интервенција- вели  Доротеј Нешовски, млад уметник кој работеше на муралот.

Најголемо е задоволството од нацратниот мурал токму на жителите од зградата. Да се има уметичко дело на фасадата за нив е попривлечно од рекламно пано.

– Искрено да ви кажам јас бев многу среќна и бев голем поддржувач на целата идеја од самиот почеток на нејзиното спроведување. Практично ми го нацртаа ѕидот од мојата работна соба, од надворешната страна и мислам дека сега ќе ме инспирира позитивно за работа уште повеќе. Мислам дека овие мурали се еден многу убав израз на урбаната култура на градот и дека носат нов дух во градот и ќе му овозможат нов импулс и на целото маало. Оваа испишана порака зборува за солидарноста и за заедницата и мислам дека е многу значајна и дека соодвесува на моментот низ кој што поминува, не само градот, државата и светот- вели Јасна Франговска, жителка на зградата.

Овие луѓе искрено веруваат дека секојдневните мали гестови што ги прават кон соседите, кон заедницата, гестови на поддршка и на солидарност значат многу и навистина ја зајакнуваат заедницата.

– Затоа сум пресреќна и многу сум им благодарна на овие две прекрасни девојки и на момчето кои работеа заедно оваа недела и уживавме во секоја постапка на градењето на муралот, гледавме како се раѓа. Пресреќни сме, ви благодарам вели -Сузана Стамболиска, жителка на зградата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни