Денеска низ цела Франција се одржува голем меѓусиндикален штрајк, а властите очекуваат дека на улиците ќе излезат помеѓу 600.000 и 900.000 граѓани. Протестите се организирани на 250 локации и се очекуваат значителни нарушувања во клучните сектори ширум земјата, пренесува BFMTV.com.
Приведени најмалку 55 лица
Според досега достапните информации, седум лица се приведени во поширокиот регион на Париз, додека во остатокот од земјата се уапсени уште 48 лица. Засега нема прецизни информации за тоа во кои градови или региони се случиле приведувањата.
“Што друго ни останува освен да нè слушнат?”
Фабиен Русел, националниот секретар на Француската Комунистичка партија, ги оправда протестите како единствен начин гласот на граѓаните да се чуе. Тој ја обвини владата за непочитување на демократските институции и волјата на народот. “Собранието не се почитува, Французите не се слушаат, а членот 49.3 паѓа како гилотина секојпат”, изјави Русел на RTL радио.
Апел за мир и воздржаност
Првиот секретар на Социјалистичката партија, Оливие Фор, истакна дека очекува масовна мобилизација, но апелираше за ненасилни протести. Тој предупреди дека насилството ѝ оди во прилог на власта и ја поткопува борбата.
Над 30 уапсени од утрово
Во градовите Тулуз, Брест и Марсеј, од утрово се приведени 30 лица. Исто така, регистрирани се четириесетина блокади низ земјата, објави Националната полиција.
Поддршка од јавноста и покрај хаосот
Според анкетата на Elabe за BFMTV, 56% од Французите ги поддржуваат протестите. Иако тоа е малку помалку од протестите против пензиската реформа во 2023 година, сепак покажува дека гневот меѓу граѓаните не е намален. Дури 66% од испитаниците сметаат дека новата влада само продолжува со старата политика на Макрон.
Париз во страв од насилства
Префектот на париската полиција, Лоран Њуњез, изрази загриженост поради можен упад на екстремисти во протестите. Поради тоа, распоредени се речиси 80.000 полицајци, 24 оклопни возила и 10 водени топови — најголемо обезбедување уште од протестите на „жолтите елеци“ во 2019 година.
Нарушувања во јавниот сектор
Штрајкот најмногу ќе го погоди јавниот превоз, образованието и здравството. Во железничкиот сообраќај ќе сообраќа само секој втор Intercités и секој трет регионален воз (TER). Во Париз, метрото ќе функционира само во врвни часови, освен линиите 1, 4 и 14. Околу 98% од аптеките низ Франција исто така штрајкуваат.