Во изминатите 48 часа, заклучно со утринските часови, во западните делови од Македонија наврнаа обилни количества дожд, што предизвика сериозни поплави и евакуација на голем број граѓани.
Најмногу дожд е измерен во Пожаране – 55 литри на метар квадратен, додека од градовите најпогодено е Тетово со 52 литри на метар квадратен.
Обилните врнежи доведоа до нагло зголемување на водостоите на реките, при што постои ризик од нивно излевање во повеќе западни предели од државата.
Најтешка е состојбата во Кичево, каде поради поплавите биле евакуирани дури 180 лица. Поплавени се домови и инфраструктура, а надлежните служби интервенираат на терен за справување со последиците.
Причина – длабок циклон од Џеновскиот залив
Според метеоролошките анализи, ваквите временски услови се резултат на влијанието на длабок циклонски систем кој се развил над Џеновскиот залив и преку Јонското Море пристигнал над Македонија, носејќи интензивни врнежи од дожд.
На метеоролошката карта може да се види распределбата на наврнатото количество дожд во литри на метар квадратен во изминатите 48 часа.
Надлежните институции апелираат на внимателност, особено во близина на реки и водотеци, поради можноста од дополнителни излевања и нови поплавувања.