Големи поплави во Италија, има исчезнати и материјални штети

Многу жители засолниште од поплавите побарале на покривите од своите куќи, од каде што чекаат евакуација од воздух

Обилните дождови што го погодија италијанскиот регион Фриули во текот на ноќта предизвикаа катастрофални последици.

Во селото Брачан, во општина Крмин, веднаш до словенечката граница, лизгање на земјиштето затрупа и урна трикатна зграда. Спасувачките екипи успеаја да извлечат едно лице од урнатините, додека потрагата по двајца жители сè уште е во тек, објавува 24ur.com .

Бројни спасувачки возила и хеликоптер беа веднаш испратени на местото на несреќата. Спасувачите извлекоа едно лице од под урнатините со скршена нога, кое беше пренесено во болницата во Видем.

Поради ризикот од нови свлечишта, властите евакуираа неколку семејства од Виа Сан Џорџо. Градоначалникот на Крмин, Роберто Фелкаро, ја потврди сериозноста на ситуацијата: „Синоќа имаше многу дожд, многу. За жал, некои се водат како исчезнати.“

Екстремното количество врнежи, каде што само во Крмин наврнаа 152 милиметри дожд за шест часа, предизвика излевање на реките.

Реката Идрија го излеа своето корито и предизвика големи поплави, додека реката Тер го поплави селото Верса во близина на Вилеш. Поради тешката ситуација на терен, мобилизирани беа и спасувачи од соседна Венеција за да помогнат на загрозеното подрачје.

Ситуацијата во Верса е особено драматична. Многу жители побарале засолниште на покривите од своите куќи, каде што чекаат евакуација. Пожарникарите интервенираат со мали чамци и хеликоптер за да стигнат до заробените луѓе.

Воздушните снимки го откриваат обемот на штетата во поплавеното подрачје. Пристапот до погодените области е ограничен, а бројни патишта и мостови се затворени за сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни