Музејот, кој се наоѓа на пустинската висорамнина крај Нил, само неколку стотини метри од пирамидите во Гиза, ќе претстави повеќе од 100.000 артефакти, вклучувајќи ги богатствата од гробницата на Тутанкамон и прочуената „соларна лаѓа“ на фараонот Хуфу.
Посетителите ќе можат да влезат во музејот преку Големата сала и Големото скалиште, каде ги пречекуваат колосални статуи и столбови покриени со хиероглифи. Овие простори водат кон главните галерии, кои во октомври 2024 година беа отворени само за 4.000 привилегирани гости.
На 1 ноември 2025, музејот ќе го комплетира своето последно поглавје со отворањето на галериите на Тутанкамон, во кои ќе бидат изложени повеќе од 5.000 артефакти од гробницата на младиот фараон — меѓу нив и неговата златна погребна маска и дрвени статуи во природна големина.
Отворањето ќе биде свечено и пренесувано во живо на TikTok, со присуство на бројни светски лидери и угледници.
Музејот се простира на 22.000 квадратни метри изложбен простор и е дом на еден од најголемите центри за конзервација и истражување во светот. Подземен тунел го поврзува главниот објект со 19 специјализирани лаборатории, каде се чуваат и реставрираат антички папируси, скулптури и човечки останки.
Проектиран од ирската архитектка Рошин Хенеган, објектот со своите пирамидални форми е омаж на древната архитектура, но и пример за современа одржливост – конструкцијата од армиран бетон помага во природна регулација на температурата и намалена потреба од климатизација.
Околината, обликувана од пејзажните архитекти West 8, е инспирирана од зеленилото на долината на Нил, со градини во форма на триаголници кои го следат архитектонскиот мотив на пирамидите.
Музејот се надева да прими до пет милиони посетители годишно, претворајќи го ГЕМ не само во културен симбол на Египет, туку и во ново светско чудо на современата архитектура и науката за историјата.
Извор:Euronews