Силно вооружена специјална единица на германската полиција денеска уапсила потенцијален напаѓач (27) во Есен, кој е по потекло од Босна и Херцеговина.
Претреси во неколку градови
Истовремено биле претресени вкупно шест станови во градовите Есен, Дортмунд, Дизелдорф и Зест. Федералната канцеларија за заштита на Уставот (Verfassungsschutz) претходно даде информации за можна мрежа.
„Осомничениот за тероризам – војник обучен за ракување со оружје – и уште едно лице под истрага живеат во Есен и Дортмунд. Претреси се спроведени и со други контакт лица, кои во моментов се третираат како сведоци. Во зависност од тоа што ќе биде пронајдено за време на рациите, нивниот статус може да се промени. Сè уште не е познато каде и како требало да се изврши нападот“ пишуваат германските медиуми повикувајќи се на полициски извори.
Позадината на ова „спектакуларно апсење“, според „Билд“, е долготрајна истрага за организирана измама и финансирање на тероризам. Со недели, државните безбедносни служби и мобилните единици го следеле осомничениот терорист.
Министерот за внатрешни работи на НРВ, Херберт Ројл, за „Билд“ изјави дека полицијата не се двоумела – тие спречиле „можни терористички активности пред да биде предоцна“.
Портпаролот на полицијата изјави дека, благодарение на истрагите на Полициската управа во Есен под водство на Јавното обвинителство во Диселдорф, покрај сомневањата за заедничка организирана измама, постојат и индикации дека приходите од овие измами наводно биле наменети за финансирање на терористички напад.
-Сметаме дека лицето сторило кривични дела измама, а добиените средства имал намера да ги искористи за организирање и планирање напад, рече портпаролот.