На Сонцето се формира голема коронална дупка, покажуваат најновите податоци од Лабораторијата за соларна астрономија при Институтот за истражување на вселената на Руската академија на науките и Институтот за соларно-земјена физика, пренесуваат денеска руските медиуми.
Според податоците на лабораторијата, дупката има големина од околу еден милион километри, јави агенцијата Интерфакс.
Поради појавата на голем број коронални дупки на Сонцето, која започна во првите месеци од 2025 година, веднаш по врвот на соларниот циклус во периодот октомври–декември 2024 година, минатата година се забележа нагло зголемување на бројот на магнетни бујици за 60 отсто.
Научниците наведуваат дека зголемувањето на бројот на магнетни бујици би можело да продолжи најмалку уште две години, до околу 2028 година, по што се очекува брз пад на сите видови соларна активност и доаѓање на соларниот минимум околу 2029–2030 година.
Короналните дупки се области во короната на Сонцето каде што густината е околу 10 пати помала отколку во другите делови на короната, како и температурата на плазмата. Гасот може слободно да излегува во меѓупланетарниот простор со голема брзина поради нарушувањата во атмосферата и магнетното поле на Сонцето.
На местата каде се наоѓаат короналните дупки линиите на магнетното поле се речиси отворени, простирувајќи се од површината на Сонцето длабоко во меѓупланетарниот простор. Најголемите коронални дупки можат да достигнат стотици илјади километри и се забележуваат само неколку пати на деценија, додека помалите дупки, со димензии од десетина илјади километри, се почести и се јавуваат на секои неколку часа.
