Голема бела ајкула повторно во Јадранот – уловен редок примерок кај Црна Гора

Млада единка од голема бела ајкула (Carcharodon carcharias) е уловена и пуштена назад во морето на околу 12 километри оддалеченост од црногорскиот брег, на длабочина од 115 метри, соопшти Институтот за биологија на морето при Универзитетот на Црна Гора. Животното било фатено од рибарот Гојко Митровиќ, кој постапил согласно препораките и го ослободил додека сè уште било во морето, а податоците за случајот и фотографиите ги доставил до институтот.

Ова е само трет забележан примерок од овој вид во водите на Црна Гора во последните речиси 30 години. Последен млад примерок на голема бела ајкула во Јадранот беше регистриран во 2023 година, во соседна Хрватска. Иако овој предатор е еден од најпознатите во светот, неговата популација во Средоземното Море се смета за критично загрозена. Присуството на ваков вид во Јадранот не е невообичаено, бидејќи белата ајкула е природен жител на целиот Медитеран, но денес се среќава многу поретко отколку во минатото.

И покрај впечатокот за опасност, нападите на голема бела ајкула врз луѓе се многу ретки. Последниот напад со смртен исход на источниот брег на Јадранот се случил во Хрватска во 1974 година, а последен напад воопшто е забележан во 2008 година кај островот Вис, кога ајкула нападнала нуркач кој носел свеж улов, но без смртен исход. Според податоците од Природонаучниот музеј на Флорида, кој води глобална база за напади од ајкули, во 2024 година биле регистрирани четири смртни случаи – по еден во САД, Египет, Западна Сахара и Малдивите, што вклучува сите видови ајкули.

Во Црна Гора, како и во повеќето медитерански земји, ловењето на големата бела ајкула е строго забрането. Видот е ставен под заштита со одлуки и правилници за зачувување на морските организми. Појавата на примероци од ваков вид се од особена важност за науката, а податоците од теренот се користат за научни анализи и следење на состојбата на оваа критично загрозена популација.

Институтот за биологија на морето го спроведува проектот „Јакнење на граѓанската наука за подобрување на пријавувањето на случаен улов на ајкули и ражи во Црна Гора“. Проектот е финансиран од Регионалниот центар за активности за заштитени морски подрачја (UNEP/MAP-SPA/RAC), а преку иницијативата #испратиајкула, граѓаните се повикуваат да пријават слични случаи со цел да се соберат повеќе податоци за овие ретки и значајни морски видови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни