Голем терористички напад во Пакистан, над 30 загинати

Експлозијата се случила за време на утринската молитва во џамијата „Кадиџа Тул Кубра“, кога напаѓачот активирал експлозивна направа

Најмалку 31 лице загинаа, а 169 се ранети во самоубиствен бомбашки напад што се случи утрово во шиитска џамија во пакистанскиот главен град Исламабад, потврди владин претставник.

Експлозијата се случила за време на утринската молитва во џамијата „Кадиџа Тул Кубра“, кога напаѓачот, според првичните информации од безбедносните служби, бил запрен на влезот во комплексот, а потоа активирал експлозивна направа.

Итните служби веднаш биле испратени на местото на нападот, а областа беше опколена со силно полициско и воено присуство. Стотици луѓе се собраа во близина на џамијата, додека вооружени војници во камуфлажни униформи го спречуваа приближувањето на љубопитните минувачи.

Премиерката на пакистанската покраина Пенџаб, Марјам Наваз Шариф, изјави дека на местото на експлозијата се испратени 25 целосно опремени амбулантни возила и дека сите болници во округот Равалпинди се ставени во состојба на зголемена готовност. „Хируршки тимови, анестезиолози и специјалисти по ортопедска и неврохируршка медицина се во состојба на готовност“, рече Шариф.

Нападот беше остро осуден од страна на високи владини претставници. Пакистанскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Ишак Дар го нарече настанот „кукавички самоубиствен напад врз невини верници“. „Нападите врз местата за богослужба и цивилите се гнасен злостор против човештвото и очигледно кршење на исламските принципи“, рече Дар, додавајќи дека Пакистан останува обединет во борбата против тероризмот. „Овие варварства нема да нè заплашат. Екстремистите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече тој.

Пакистанскиот претседател, исто така, го осуди нападот, нарекувајќи го „злосторство против човештвото“. Истрагата за нападот е во тек, а ниедна група сè уште не ја презеде одговорноста. Безбедносните мерки се дополнително засилени во Исламабад и околните области.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни