Адвокатите кои ги застапуваат тужителките најавија дека илјадници поранешни и сегашни припаднички на армијата би можеле да се приклучат кон тужбата, која е поднесена пред Федералниот суд на Австралија.
Според наводите во пријавата, случаите опфаќаат насилни физички напади, недолично допирање и психолошко малтретирање, како и инциденти при кои жени биле пронајдени без облека и покриени со модринки по службени забави со машки старешини.
„Жените не треба да бидат платени како мажите бидејќи не се толку силни“
Една од тужителките, припадничка на Воздухопловните сили, изјавила дека била една од само две жени во објект со 200 мажи и дека редовно била изложена на сексуални коментари, непристојни разговори и прикажување порнографски материјали. Нејзиниот надреден ѝ рекол дека „жените не треба да добиваат иста плата како мажите затоа што не се доволно силни“.
Друга тужителка, морнаричка службеничка, сведочела дека за време на обуката била цел на вулгарни коментари и несакано допирање, а за време на мисија во странство колега ја нападнал и ја бакнал на сила додека се обидувала да избега.
Илјадници непријавени случаи
Голем извештај за самоубиствата меѓу австралиските ветерани, објавен минатата година, откри дека меѓу 2019 и 2024 година биле пријавени околу 800 случаи на сексуални напади во рамки на вооружените сили. Сепак, се проценува дека над 60 проценти од инцидентите никогаш не се пријавуваат, што укажува на длабок системски проблем.
„Жените се пријавија да ја бранат земјата, не самите себе“
Адвокатот Џош Ајлвард од канцеларијата JGA Saddler, кој ја води тужбата, изјави:
„За жените во австралиската војска, најголемиот страв не е војната – туку сексуалното насилство на работното место. Тие се пријавија да ја бранат својата земја, а не секојдневно да мораат да се бранат од своите колеги.“
Портпаролот на австралиската армија призна дека „сè уште има многу работа што треба да се направи“, додавајќи дека секој член на вооружените сили заслужува почит и безбедна работна средина.
Со оваа тужба се очекува да започне најголемата правна постапка за родова дискриминација и сексуално насилство во историјата на австралиската војска.
Извор: Index.hr
