Истражителите кои ја водат истрагата за неверојатната кражба на кралските драгоцености од музејот Лувр пронашле докази дека во злосторството можеби учествувале и вработени од самиот музеј, дознава The Telegraph.
Извори блиски до истрагата откриваат дека дигиталните форензички траги покажуваат комуникација меѓу еден член на обезбедувањето на музејот и групата крадци. Се претпоставува дека крадците однапред добиле доверливи информации за безбедносниот систем, што им овозможило прецизно да ја испланираат кражбата.
„Постојат докази дека еден од чуварите им дал осетливи податоци за безбедносните камери и системите на аларм. Тоа им помогнало да влезат незабележано“, изјавил извор од истрагата.
Кражба што ја шокираше Франција
Франција сè уште е во шок по дрската кражба, што се случила минатата недела кога крадци маскирани како работници за одржување влегле во музејот преку балкон на вториот кат, користејќи подигната кошница од камион паркиран на улица.
Полицијата собра повеќе од 150 ДНК примероци и потврди дека внатрешна соработка е една од главните насоки на истрагата. На пронајдените кациги, ракавици и елеци биле откриени биолошки траги.
Крадците за неколку минути однеле осум парчиња од француските кралски драгоцености, вклучувајќи рубини, сафири и дијаманти од Аполновата галерија. Експертите предупредуваат дека дури и ако сторителите бидат фатени, можеби веќе е предоцна да се спасат драгоценостите, кои би можеле да бидат преправени или растопени
„Внатрешна работа“ и интернационална потрага
Париската обвинителка Лор Бекуо потврди дека полицијата ги следи двата скутера со кои сторителите избегале од градот, а камерите од јавни и приватни објекти помогнале да се реконструира нивната рута.
„Сè укажува на тоа дека станува збор за внатрешна работа. Наш приоритет е да ги уапсиме крадците пред накитот да биде уништен“, изјави Бекуо, додавајќи дека се надева дека медиумското внимание ќе ги обесхрабри сторителите да ги продадат украдените предмети.
Во истрагата е вклучена и израелската разузнавачка компанија CGI Group, која во 2019 година помогна во решавањето на кражбата во музејот во Дрезден вредна над 1 милијарда евра.
Безбедносни мерки и нови детали
По настанот, дел од највредните експонати од Аполоновата галерија се пренесени во Banque de France, каде што се чуваат државните златни резерви во подземен трезор на 27 метри длабочина.
Раководителката на музејот, Лоренс де Кар, претходно сведочеше дека камерите не го покривале балконот преку кој влегле крадците — пропуст што, според истражителите, бил клучен за нивниот успех.
