Американскиот претседател Доналд Трамп ненадејно се откажа од заканите за воведување царини кон Европа како средство за преземање контрола врз Гренланд. Тој ја исклучи употребата на сила и изјави дека е на повидок договор кој би можел да стави крај на спорот околу островот, спор што се закануваше да предизвика најдлабока криза во трансатлантските односи во последните неколку децении.
За време на неговото турбулентно патување на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Трамп ја ублажи повеќенеделната реторика која го потресе НАТО и носеше ризик од нов глобален трговски конфликт.
По состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп најави договор кој би можел да ги задоволи американските безбедносни интереси, вклучувајќи го и системот за ракетна одбрана „Златна купола“, како и пристапот до клучни минерали на Арктикот, истовремено ограничувајќи ги амбициите на Русија и Кина во регионот.
„Ова е договор со кој сите се многу задоволни. Тоа е долгорочен, конечен договор кој нè става сите во многу добра позиција, особено кога станува збор за безбедноста и минералите. Ова е договор што ќе трае засекогаш“, изјави Трамп пред новинарите.
Клучни точки од најавениот пресврт
Можно редефинирање на договорот од 1951 година за американската воена присутност на Гренланд. НАТО разгледува можност за изградба на дополнителни американски воени бази на Гренланд. Трамп потврди дека нема да воведе царини поврзани со Гренланд, а Европската унија претходно го суспендираше трговскиот договор со САД поради заканите. Данска ја поздрави деескалацијата и оценува дека „денот завршува подобро отколку што започна“
Белата куќа соопшти дека деталите од договорот допрва ќе се усогласуваат со сите вклучени страни, но нагласи дека САД ќе ги постигнат своите стратешки цели на Гренланд „со минимален трошок и на трајна основа“.
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, изјави дека паузирањето на трговската војна и исклучувањето на воена интервенција претставуваат позитивен сигнал, но додаде дека безбедносните прашања на Арктикот сè уште мора да се решат со почитување на данските „црвени линии“.
