Голем шумски пожар ја зафати областа околу Ливари, во близина на популарното одморалиште Вурвуру во Ситонија, јавуваат грчките медиуми.
Противпожарните екипи се распоредени со полн капацитет за да го локализираат брзото ширење на пожарот.
Грчките власти издале итна наредба за евакуација на туристите и локалното население кон местото Никити, a пожарот се шири со голема брзина поради ветерот и топлото време.
На терен има повеќе од 60 пожарникари, опремени со 20 возила, поддржани од два специјализирани пешадиски тима.
Заради поефикасно контролирање на пожарот, била побарана и поддршка од воздух, по што ангажирани биле и осум авиони и еден хеликоптер.
Грчките служби апелираат сите кои се во близина да останат смирени, но и будни, и строго да ги следат инструкциите за евакуација, а до овој момент се уште нема информации за повредени или евентуално опожарени објекти.