Голем пожар во Русија по напад на украински дронови

Украински дронови синоќа погодија нафтен терминал и танкер во рускиот Краснодарски крај, предизвикувајќи голем пожар, јави „Kyiv Independent“, повикувајќи се на извор од украинската Служба за безбедност (СБУ).

Според информациите од СБУ, регистрирани се пет удари со дронови. По нападот, запалил еден од нафтените танкери, а најмалку четири пристаништа што се користат за товарење и истовар на нафта станале неупотребливи. Оштетени се и неколку пристанишни објекти. Генералштабот на украинската армија потврди дека нафтената инфраструктура на морското пристаниште Туапсе, на брегот на Црното Море, претрпела сериозни оштетувања.

Голем пожар во пристаништето Туапсе

На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа што го прикажуваат пожарот кој зафатил дел од терминалот. Руски телеграм-канали, повикувајќи се на локални извори, јавија дека избувнале најмалку три пожари во рамки на терминалот, меѓу кои и оној на нафтниот танкер.

Терминалот во Туапсе е под управа на државната компанија „Роснефт“ и претставува едно од клучните стратешки јазли за рускиот извоз на нафта.

Потврда и од руската страна

Регионалните власти во Краснодарскиот крај потврдија дека нападот со дронови предизвикал штета на пристанишната инфраструктура, вклучувајќи ги надградбата на пловилата и неколку згради. Според првичните информации, нема човечки жртви.

Порака од Киев

„СБУ продолжува да ја напаѓа руската нафтена инфраструктура, која му обезбедува ресурси на агресорот за војната против Украина. Сè додека трае војната, пламенот ќе продолжи да гори во руските рафинерии,“ изјавил извор од СБУ за медиумите.

Овој напад доаѓа во рамки на поширока украинска операција со дронови насочена кон повеќе руски региони. Освен во Краснодарскиот крај, експлозии и чад биле пријавени и во градот Орел. Нафтениот терминал во Туапсе веќе беше цел на украински напад со поморски дронови во септември оваа година.

Украина во последните месеци сè почесто изведува напади длабоко на руска територија, главно со дронови од домашно производство, со цел да го ослаби главниот извор на финансирање на руската воена машинерија.

Извор:Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни