Патнички авион на авиокомпанијата JetBlue во петокот морал нагло да го прекине искачувањето за да избегне судир со танкер на американските воздухопловни сили над Карибите, а пилотот за опасната ситуација го обвинил воениот авион кој му ја пресекол патеката на летот. Инцидентот се случил на летот 1112 од карипскиот остров Курасао, сместен во близина на брегот на Венецуела, кон њујоршкиот аеродром ЏФК, пренесува AP News.
Во аудио-снимка од разговорот со контролата на летање, пилотот на JetBlue драматично ја опиша ситуацијата. „За малку ќе имавме судир во воздухот тука“, рекол тој. „Тие поминаа точно низ нашата патека на лет… Немаа вклучен транспондер, тоа е неверојатно.“
Пилотот дополнително објаснил што се случило:
„Леталото помина директно пред нас, на оддалеченост од пет милји, можеби две или три милји. Тоа беше танкер за дополнување гориво во воздух на американските воздухопловни сили и се наоѓаше на нашата висина“, навел пилотот. „Моравме да го запреме искачувањето.“ Според неговите зборови, воениот авион потоа се упатил кон воздушниот простор на Венецуела.
Зголемени воени активности во регионот
Инцидентот се случува во период кога американската војска ги засили активностите за пресретнување на трговијата со дрога на Карибите, но и кога настојува да го зголеми притисокот врз владата на Венецуела.
Федералната управа за авијација (FAA) минатиот месец издаде предупредување до американските авиони, повикувајќи на „претпазливост“ при летање во венецуелскиот воздушен простор „поради влошената безбедносна состојба и зголемените воени активности во или околу Венецуела“.
JetBlue го потврди инцидентот
Напнатоста ја потврди и контролорот на летање во одговор до пилотот. „Ситуацијата со неидентификувани летала во нашиот воздушен простор стана неверојатна“, изјавил тој.
Портпаролот на JetBlue, Дерек Домбровски, во неделата потврди дека инцидентот се случил. „Го пријавивме овој инцидент до сојузните власти и ќе соработуваме во секоја истрага“, изјави тој.
„Членовите на нашиот екипаж се обучени за правилни процедури во различни летачки ситуации и ја цениме нивната брза реакција и пријавување на настанот до раководството.“ Пентагон ги упати новинарите кон Воздухопловните сили за коментар, но тие не одговорија веднаш на барањет
