Египет го отвори Големиот египетски музеј – гробницата на Тутанкамон изложена целосно за првпат

По децении изградба и одложувања, Египет официјално го отвори најголемиот археолошки музеј во светот – Големиот египетски музеј (GEM), каде што за првпат е изложена целата гробница на Тутанкамон.
Photo: Reuters

Во близина на Големата пирамида на Хуфу во Гиза, Египет свечено го отвори Големиот египетски музеј (GEM) — најголемиот археолошки музеј на светот, кој содржи околу 100.000 експонати што ја покриваат историјата на земјата во текот на седум милениуми, од преддинастичкиот период до грчко-римската ера.

Најголема атракција на музејот е целосната поставка на гробницата на момчето-крал Тутанкамон, откриена од британскиот археолог Хауард Картер во 1922 година. За првпат во историјата, сите 5.500 предмети од гробницата се изложени заедно – вклучувајќи ја златната маска, престолот и кочиите на фараонот.

„Сакавме да го прикажеме Тутанкамон онака како што го доживеа Хауард Картер пред еден век. Ништо нема да остане во складишта или други музеи,“ изјави д-р Тарек Тауфик, поранешен директор на GEM и претседател на Меѓународната асоцијација на египтолози.

Изградбата на музејот, кој чини 1,2 милијарди долари, започна во 2005 година и беше забавена од финансиски кризи, револуцијата во 2011 година, пандемијата и регионалните конфликти. Денес, музејот се протега на површина од 500.000 квадратни метри, што е еквивалент на 70 фудбалски игралишта.

Во централниот атриум доминираат величествената статуа на Рамзес II и суспендиран обелиск стар 3.200 години. Главното скалиште е украсено со статуи на древни кралеви и кралици, а огромен прозорец нуди поглед кон пирамидите во Гиза.

Според проценките, музејот ќе привлече до осум милиони посетители годишно, што ќе даде нов импулс на египетскиот туризам.

Познати египтолози, како д-р Захи Хавас, го нарекоа отворањето „најголемиот културен настан на векот“. Тој изјави дека GEM покажува дека „египтјаните денес се рамноправни со странските археолози во полето на истражување, конзервација и музеологија.“

Хавас, заедно со други експерти, повторно повика на враќање на египетските артефакти од странските музеи, меѓу кои се: Розетскиот камен (Британски музеј), Зодијакот од Дендерa (Лувр) и бистата на Нефертити (Берлин). Според нив, отворањето на GEM е доказ дека Египет има капацитет сам да ги чува своите културни богатства.

„Ова е нова златна ера на египтологијата и културниот туризам,“ изјави туристичкиот водич Ахмед Седик, додавајќи дека интересот е огромен, особено за посетата на гробницата на најпознатиот фараон во историјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни